„Тоа е еднакво важно како за нашето непосредно опкружување, колку и за животната средина како целина“, вели ко-основачот на иницијативата Нина Нобле

Планот за ослободување на улиците на германскиот град од автомобили заживеал за време на дружба на тројца пријатели во кафуле во 2019 година. Набргу потоа, истите тие ја основаат групата Volksentscheid Berlin Autofrei Group, или Народен референдум за Берлин без автомобили, и предложуваат ограничување на автомобилите во внатрешноста на Ringbahn железничките линии во градот – област поголема од Менхетен.

Петицијата е покрената во април минатата година и брзо потоа добила повеќе од 50.000 потписи, за сега да се разгледува од страна на градската управа, берлинскиот Сенат. Одлуката дали Берлин ќе стане град без автомобили ќе биде донесена во февруари.

Секако, би имало бројни исклучоци. На пример, специјални дозволи ќе им бидат дадени на амбулантни возила, камиони за ѓубре, такси возила, комерцијални возила или возила за достава, лица со ограничена подвижност кои зависат од автомобили… Покрај тоа, жителите ќе можат да користат автомобили преку програма за споделување автомобили до 12 пати годишно за извршување на некои задачи.

Извештајот нарачан од регионалниот парламент во Берлин во 2014 година покажал дека 58 отсто од сообраќајот во градот бил посветен на автомобили, иако само една третина од патувањата по берлинските улици биле остварени со автомобил. За споредба, само 3 отсто е одвоено за велосипеди иако тие сочинуваат 15 отсто од патувањата.

„Тоа е еднакво важно како за нашето непосредно опкружување, колку и за животната средина како целина“, вели ко-основачот на иницијативата Нина Нобле. „Се работи за тоа како сите сакаме да живееме, да дишеме и да си играме заедно. Сакаме луѓето да можат да спијат со отворени прозорци и децата повторно да можат да си играат на улица. И бабите и дедовците треба да можат безбедно да ги возат своите велосипеди и да имаат многу клупи на кои може да се релаксираат“.