Семафорите на иднината сами ќе знаат кога луѓето ќе сакаат да преминат преку патот
Кога луѓето ќе пристапат до семафорите, нема да мора да го притиснат копчето за да го запалат зеленото светло – семафорот самостојно ќе препознае дека сакаат да го преминат патот и автоматски ќе се префрли на зелено светло
Австриски научници во моментот тестираат визија за иднината на семафорите кои ќе знаат кога луѓето сакаат да преминат преку патот, па нема да има потреба од притискање на копчето на семафорот за побрзо палење на зеленото светло. Развиениот систем, а кој австриската компанија Гинтер Пинчер наскоро ќе почне да го тестира на избрани локации во Виена, благодарение на интегрираните камери и компјутерска визија, го скенира просторот околу семафорот и може да идентификува кога луѓето сакаат да го преминат патот.
Кога пешак или пешаци ќе се приближат доволно блиску, се праќа сигнал за промена на светлото (се разбира, се претпоставува дека брзината на промена ќе зависи од бројот на автомобили и времето колку долго трае црвеното светло), а научниците веруваат дека така ќе се заштедат три до четири секунди кои инаку се потребни за луѓето да се доближат до семафорот и да ги притиснат копчето на него. Исто така, системот е флексибилен, па ако препознае дека повеќе луѓе сакаат да го преминат патот, може да го продолжи траењето на зеленото светло за пешаците.
Се повеќе и повеќе компании развиваат различни технологии кои се имплементираат во семафорите и на пешачките премини за зголемување на безбедноста на пешаците и предупредување на возачите за премин на пешаци преку патот. На пример, за зависниците од паметни телефони во некои градови, сообраќајните светла се поставуваат на тротоарите за да ги предупредат луѓето чии очи се залепени на екранот од мобилните уреди. Други градови пак користат оптички илузии и 3D приказ на пешачките премини за да ги предупредат возачите да бидат претпазливи.