Седум милиони Американци доцнат со отплата на авто- кредитите повеќе од 90 дена
Американската автомобилска индустрија изминатите неколку години има рекордна продажба, но ако треба да се верува на бројките објавени од Федералната банка на Њујорк – сé поголем број клиенти се всушност во долгови
Повеќе од седум милиони Американци доцнат по 90 или повеќе денови кога станува збор за отплата на кредитите, што е најпоразителна бројка од 2010 година па наваму, кога на сцена беше познатата рецесија.
Бројот на такви клиенти во изминатите шест години пораснал за 1,5%, а најголем дел спаѓа во категоријата на население под 30 години.
Сепак, економистите велат дека сè уште не постои причина за загриженост, а бројките се високи само поради тоа што и продажбата бележела раст во претходните години. Во 2016 година, Американците купиле рекордни 17,5 милиони нови автомобили, а очекувањата за оваа година се исто така над 17 милиони.
Во такви услови, клиентите позајмиле дури 584 милијарди долари, што е најголема бројка во изминатите 19 години. Ако се погледнат вкупните заеми земени за купување на автомобил, тие моментално се 1,27 илјади милијарди долари, но сочинуваат помалку од 10% ако се анализираат генерално сите заеми или вкупниот износ на заеми. Пред заемите за купување автомобил се училишните кредити, како и станбените кредити.
Она што ги загрижува експертите е фактот што се поголем број од оние со одлична кредитна историја не успеваат да ги вратат кредитите на време. Во 2018 година, просечниот заем изнесувал 36.692 американски долари со месечна рата од 547 долари.
Се верува дека оваа бројка пораснала и затоа што клиентите преминуваат од поевтини автомобили на поскапи кросовери, теренци или пикап камионети со целосна опрема. Ова „принудило“ многу клиенти да се одлучат за поголеми заеми, дури и поголеми отколку што реално можат да го вратат. Сепак, со рекордно ниска стапка на невработеност, велат дека сè уште нема причина за загриженост.