Температурите под нула веќе се на прагот, барем во ноќните часови, па крајно време е и најлежерните возачи да го проверат антифризот

За почеток, нивото на антифриз треба редовно да се проверува, без оглед на сезоната, да се смени навремено, но и да се проверуваат неговите карактеристики доколку поради некоја причина требало да се додаде вода.

На колку години или километри треба да се смени антифризот?

„Стариот“ антифриз G11 треба да се менува на секои 2 или најмногу 3 години. Поновите G12, G12+, G12++ и G13 може да се менуваат на секои 4 или 5 години.

Меѓутоа, проблемот не е само на која температура ќе замрзне. Со текот на времето, антифризот ги губи својствата што го штитат моторот и придружните компоненти – ова е многу сериозен проблем, кој може да доведе до разни дефекти, протекување и слично.

Значи, нема потреба да се ризикува. Дури и ако во некој сервис каде што проверувате во каква состојба е антифризот ви кажат дека е добар и дека може да издржи до на пр. -15 Целзиусови степени, а знаете дека не сте го промениле 4 или повеќе години, дефинитивно е време да го направите тоа. 

Каков антифриз треба да има во автомобилот?

Погледнете го прирачникот за вашиот автомобил. Ако го немате, најдете го на Интернет, јавете се или одете на овластен сервис, прашајте на форум што ги собира сопствениците на тој бренд. Во основа, секој овластен сервис мора да знае кој антифриз одговара на вашиот автомобил, без разлика на староста, но и секое посериозно неовластено лице мора да знае.

Фабричките ознаки на Volkswagen се општо прифатени. Особено, ознаките G11 (TL-774-C), G12 (TL-774-D), G12 + (VW TL-774-F), G12 ++ (VW TL-774-G) се стандарди на VW, што значи дека се однесуваат на возилата VW, Audi, Seat, Škoda и Porsche, но со текот на времето тие станаа еден вид „стандард“ за сите останати.

Сепак и другите производители имаат некои свои стандарди. Тука се и националните и меѓународни стандарди, но често пати разликите практично се сведуваат на пазарна конкуренција.

Ова може да биде голем проблем за просечниот возач, кој се наоѓа во целосен хаос од различни стандарди, имиња, етикети, производители и препораки: Audi TL774-D, Ford WSS-M97B44-D, Renault Type D, Jaguar WSS-M97B44- D, MB 325.3, SAAB 6901 599, Seat TL774-D, Škoda 61-0-0257, Vauxhall QL 130100, Volkswagen TL774-D …

Антифризот за постари возила обично е G11, односно така се вика. Претежно е со сина, зелена или жолта боја. Содржи фосфати, нитрити, амини и силикати. Нивото на силикат во G11 варира. Порано беше 1.000 ppm, па падна на 250 ppm, што значи дека може да се меша со други видови антифриз без сериозни последици (во релативно кратко време). Сепак повеќето профезионалци не го препорачуваат!

G12 е главно во црвена или розова боја. G12+ е главно во црвена или виолетова боја и наводно може да се меша и со G11 (повторно, малкумина го препорачуваат тоа) и со G12. Постои и G12++, кој обично е во виолетова боја. Има и G13, кој исто така е претежно во виолетова боја. 

Кој антифриз ќе ви го наточат во вашиот сервисен центар?

Производителите генерално инсистираат во автомобилот да се става само антифриз што ги исполнува стандардите што тие ги пропишале. Сепак, дури и овластени сервисери понекогаш може да ви налеат некои други, со образложение дека спецификациите се совпаѓаат и дека нема причина за грижа.

Ситуацијата со овие стандарди е комплицирана и просечниот возач нема начин сигурно и недвосмислено да знае кој антифриз е 100% компатибилен со возилото. Посебно проблематични се постарите јапонски возила.

Факт е дека употребата на погрешен антифриз во многу автомобили нема да предизвика видливи оштетувања дури и по неколку години.

Истото важи и за мешање антифризи кои не би требало да се мешаат. Единственото прашање е дали сакате да ризикувате?

Во основа, најдете го задолжителниот стандард за антифриз за вашиот автомобил и кога купувате антифриз, погледнете го пакувањето за да видите дали тој стандард е наведен. 

Кои антифризи може да се мешаат?

На оваа тема може да се напише цела книга и треба да се консултираат многу експерти. Затоа, за секој случај, избегнувајте мешање на антифризи од различни производители, особено од различни типови.

Во антифризот се додаваат различни хемикалии, па останува прашањето како тие ќе реагираат меѓу себе. Сигурно нема да експлодира или да направи дупка во блокот на моторот, но постои можност тие да влијаат еден на друг и со тоа да ја намалат заштитата од корозија во ладилникот, моторот и придружните компоненти.

Во упатството за некои антифризи се добива и објаснување за дозволеното мешање со други антифризи. 

Дали бојата на антифризот има некакво значење?

Антифризот во основа е безбоен, но по производството, бојата се додава на барање на производителот (или продавачот).

Навистина, во повеќето случаи, „типот“ на антифриз може да се препознае врз основа на бојата, но дури и тогаш тоа не значи дека антифризот ги исполнува стандардите што ги бара производителот на автомобили. 

Како да дознаам кој антифриз е моментално во мојот автомобил?

Ако сте купиле користен автомобил, побарајте од претходниот сопственик амбалажа за користениот антифриз. Ако ни тој не знае и ја нема амбалажата, најсигурна опција е да се направи комплетна замена на течноста за ладење, а нема да пречи ниту плакнење на системот за ладење.

Посебен проблем е што генерално не е можно да се испушти целата течност за ладење при замена, така да секогаш останува одредена количина. Колку ќе остане зависи од мотор до мотор и не е прашање само количината што останува, туку и колкав процент од таа преостаната количина е во однос на вкупната количина на течноста за ладење во системот.

Ова е малку сложен проблем што во основа може лесно да се реши, но ретко возачот го сфаќа посериозно или воопшто е свесен за проблемот. 

Дали треба да се смени антифризот по купувањето на половен автомобил?

Да – антифризот треба да се замени откако ќе купите користен автомобил бидејќи не можете да знаете со сигурност кога претходниот сопственик го сменил. Се разбира, ако сте 100% сигурни дека не е потребна замена, тогаш не допирајте ништо. 

Ако нивото на антифриз е намалено, што да се надополни?

Најдобро решение е да ја направите потребната количина од мешавина од дестилирана или деминерализирана вода и концентрат од антифриз, а потоа да ја додадете.

Ако немате антифриз концентрат, додадете дестилирана или деминерализирана вода. Во случај на итност, можете да додадете обична вода. Иако не треба да се користи, тоа нема да предизвика никакви проблеми на краток рок, особено затоа што многу антифризи имаат адитиви за борба против формирањето на бигор. 

Не додавајте чист концентрат!

Некои возачи мислат дека со додавање на чист концентриран антифриз, директно од оригиналното пакување (100% концентрација), ќе добијат поголема заштита од ниски температури.Не, тоа е голема грешка.

Чистиот 100% антифриз има повисока точка на замрзнување од растворот – односно мешавина од антифриз и вода. На пример, концентратот може да замрзне на -10, додека растворот ќе остане во течна состојба до -30 степени.

Антифризот во концентрација од 100% обично најдобро се меша со вода во сооднос 50:50, но задолжително прочитајте го упатството на пакувањето. Може да се наведат и карактеристиките во однос на различниот однос на концентрат и вода.

На пример, ако направите раствор во сооднос 50:50 (или 1 спрема 1, т.е. 1 литар концентрат на 1 литар вода), добивате заштита до -36 Целзиусови степени. Ако ја намалите концентрацијата на антифризот, ќе падне и точката на мрзнење, односно температурата на која тој растворот ќе замрзне.

Меѓутоа, ако ставите премногу чист антифриз, може да падне и точката на замрзнување. Затоа, задолжително следете ги упатствата на пакувањето.

Премногу разреден антифриз концентрат, односно чист антифриз, нема да биде доволно „отпорен“ на ниски температури, а во исто време нема да може да обезбеди други видови заштита на системот за ладење – на пр. заштита од корозија. 

Како можам сам да го проверам антифризот?

На пазарот има разни уреди (мерачи) за тестирање на антифриз, односно уреди кои ќе ви покажат на која температура ќе замрзне антифризот.

Да речеме дека „пристојно“ броило може да се купи во опсег од 350 до 750 денари. Има и многу поевтини, но и многу поскапи. Ваше е да одлучите кој треба да биде најсигурен во однос на цената.

Се разбира, можете да отидете и во сервисен центар кој има уред за антифриз. 

Не антифриз, туку течност за ладење!

Така е – официјалното име за течноста во системот за ладење е течност за ладење, но овде користиме антифриз за полесно тазбирање.

Секако, како течност за разладување може да се користи чиста „вода од чешма“ или дестилирана вода, т.е. деминерализирана вода, без додавање на антифриз. Сепак, ова може да предизвика краткорочно и долгорочно оштетување на различни елементи, така што чистата вода треба да се користи само во итен случај.