Samsung претстави SSD диск со капацитет од 30 ТВ
Samsung веќе го држеше рекордот на SSD пазарот со диск со капацитет од 15,36 ТВ сместени во 2,5-инчно куќиште, за сега овој капацитет двојно да се зголеми.
Побарувачка за уреди за складирање на големи количини на податоци е се поголема, а како одговор на таквите потреби на бизнис корисниците, Samsung лансираше SSD диск со капацитет од дури 30,72 ТВ.
Новиот диск, кој се состои од 32 NAND flash пакети со капацитет од 1 ТВ, освен со голем капацитет, може да се пофали и со одлична брзина на пишување и читање на податоците – 1700 MB/s односно 2100 Mb/s. Станува збор за брзини кои се околу четири пати поголеми при читање на податоци во споредба со просечните SSD дискови, велат од Samsung. За да доловат за колку голем капацитет станува збор, во официјалното соопштение се наведува дека на овој диск сместен во куќиште од 2,5-инчи, може да се складираат повеќе од 5700 Full HD филмови со просечна големина од околу 5 GB.
Компанијата веќе започнала со производство на првите количини од новиот диск изминатиот месец, а до крајот на годината во план е проширување на серијата со нови дискови со помал капацитет, па може да се очекуваат и дискови со капацитет од 15,36 ТВ, 7,68 ТВ, 3,84 ТВ, 1,92 ТВ, 960 GB и 800 GB, кои треба да помогнат во процесот на транзиција од традиционалните хард дискови на SSD во системи за складирање на голема количина на податоци на финансиски, образовни, здравствени, комуникациски сервиси и компании како и во други сектори со висока потреба за складирање на податоци.