Некогашниот најголем светски саем за автомобили се пресели во Минхен, каде што официјално беше отворен во понеделникот. Иако автомобилската индустрија веќе работи на премин кон електричен погон, се очекуваат протести и илјадници полицајци

Навистина станува збор за нов почеток од неколку причини, пишува Deutsche Welle. Меѓународната автомобилска изложба (IAA) е првиот саем од почетокот на пандемијата кој се одржува со присуство на јавноста. Ова е позитивен знак за саемската индустрија, која, според сопствените наводи, претрпела загуби од четириесет милијарди евра од почетокот на пандемијата.

Но, ова е нов почеток и за самиот IAA, еднa од најголемите смотри од ваков вид во светот. Започна во Берлин, каде што опстојуваше еден век и по речиси седум децении во Франкфурт, овој саем се сели на нова локација. По разочарувачкиот саем пред две години, организаторот, Сојузот на германската автомобилска индустрија, одлучи да даде нов поттик за овој настан со преселба во Минхен како една од германските автомобилски престолнини.

Но, не станува збор само за промена на локацијата, туку и за нов концепт. „Само прикажување на автомобилот веќе не е доволно за да привлече посетители. Затоа IAA одлучи да експериментира“, вели автомобилскиот експерт Питер Фус од консултантската куќа EY.

Хибриден саем

Главното прашање кое се поставува на саемот е: „Што ќе не движи во иднина?“. Автомобилот е само дел од сложената слика за модерната мобилност. Тука се електричните скутери, но и велосипеди и трамваи или автономни системи за превоз на патници.

IAA Mobility се нарекува новата верзија на саемот кој сака да биде хибриден саем. Покрај саемот во Минхен на северот од градот, изложбата влегува и на плоштадите во баварската метропола. Саемот и градот се поврзани со таканаречената Сина линија, на која ќе бидат тестирани различни сообраќајни и транспортни концепти. Овој концепт, кој е сосема поинаков од класичниот „штимунг“ на саемите за автомобили, крие шанси, но и многу ризици, како што вели познатиот германски експерт за автомобилска индустрија Фердинанд Дуденхефер. Нему во Минхен му недостасува јасен фокус на автомобилот како превозно средство. „Во време кога автомобилот не е во центарот на вниманието, некогаш најголемиот саем за автомобили во светот го губи своето значење“, вели овој експерт.

Скромни изложувачи

Овој тренд е веќе видлив сега: освен компании како Hyundai, Renault-Dacia и некои нови од Кина, на саемот се присутни само три водечки германски компании: Volkswagen, BMW и Mercedes-Benz. Конкуренцијата од Toyota, General Motors или Stellantis (Fiat, Chrysler, Citroen и Opel) воопшто не се присутни во Минхен. Истото се однесува и за Volvo, Ferrari или Rolls-Royce и други магнети за публиката. Како и да е, Tesla никогаш и не била на IAA. Германските компании, исто така, се повеќе или помалку скромни во нивните перформанси. Нема да има трага од бомбастични презентации на модели со чад, светлина и тонски ефекти.

Но, од каде доаѓа таа скромност, и покрај поволните бројки со кои може да се пофали автомобилската индустрија во последно време, и покрај пандемијата и недостатокот на делови? Консултантската куќа EY вели дека автомобилските концерни никогаш не заработиле толку многу како во последно време. Во првата половина од годината, 16-те најголеми имиња во автомобилската индустрија оствариле профит од 71,5 милијарди евра, што е неверојатен промет во споредба со загубите од четири милијарди минатата година.

Парите на концерните ќе им бидат и тоа како потребни за пресвртот што неизбежно ја чека автомобилската индустрија. Во многу делови на светот, како што е ЕУ, деновите на бензинот и дизелот се изброени. Тоа значи дека треба да се вложат многу пари за развој на електрични возила. За многумина, целта е она кон што Tesla веќе се приближи, еден вид „паметен телефон на тркала“.

И токму овие сложени процеси IAA во Минхен сака да ги претстави на јавноста, како на стручната така и пошироко. Но, никој не верува дека првиот IAA во Минхен ќе привлече 500.000 посетители како последниот саем во Франкфурт. Никој не ни сонува за бројки како милиони, колку што иамше во Франкфурт во најдобрите денови.

Извор: Deutsche Welle