Поради вирусот Ковид-19, многу меѓународни настани веќе се откажани или одложени

Според последните информации, 90-то издание на меѓународниот автомобилски саем во Женева е предвиден да се одржи од 3 до 15 март. Првите два дена се резервирани за претставниците на медиумите, а посетителите ќе можат да ги видат најновите случувања во автомобилската индустрија од четврток, 5 март, кога портите на саемот и официјално ќе се отворат за пошироката публика.

Организаторите во средата одржаа уште еден состанок во светло на новонастанатите околности кога станува збор за ширењето на епидемијата на коронавирус во овој дел од Европа, вклучително и северна Италија, Австрија, Франција, Германија, но и првиот регистриран случај во Швајцарија.

И покрај се, решено е подготовките за одржување на автосалонот да продолжат според планираното, како и дека „ќе продолжат редовно да ја следат и преиспитуваат состојбата“.

Организаторите претходно најавија дека ќе ги унапредат мерките за хигиена и дезинфекција и побараа од изложувачите од области со ризик во светот да не доаѓаат во Женева доколку во последните две недели имале симптоми кои би укажувале на можна инфекција со коронавирус.

На посетителите и учесниците на овој саем им се советува редовно да ги мијат рацете со раствор базиран на алкохол или други средства за дезинфекција и да не пристапуваат кон луѓето кои изгледаат болни на помалку од 1 метар. Исто така, се препорачува да се избегнува допирање на очите, носот и устата.

Епидемијата на коронавирус веќе го одложи саемот за автомобили во Пекинг, кој требаше да се одржи во месец април.