САД се откажуваат од конвенционалните мотори до 2035 година?!
Се повеќе гувернери се залагаат претседателот Џо Бајден да ги забрани традиционалните горива
Дали треската за „црното злато“ во САД е некаде пред крај? Дали американските возачи навикнати да плаќаат мали суми за галон бензин ќе мораат да преминат на електрични автомобили? Работите, колку и да ви се чинат нелогични, можат да тргнат во оваа (не баш) неочекувана насока.
Сè уште не е решено, но веќе постојат сериозни планови Америка да каже стоп на традиционалните мотори со внатрешно согорување до 2035 година. Ова го открива Reuters, повикувајќи се на писмо од голем број државни гувернери до претседателот Џо Бајден.
Гувернерите на Калифорнија (една од државите зачетници на транзицијата кон еколошка мобилност), Масачусетс, Северна Каролина, Њујорк, Конектикат, Хаваи, Мејн, Њу Џерси, Њу Мексико, Вашингтон и Род Ајленд преземаат мерки за исклучување на автомобилите и лесно товарните возила со конвенционални мотори од транспортниот микс во САД најдоцна до 2035 година.
Според гувернерите, мора да се изготви јасен план со сериозни чекори за да се осигури дека сите автомобили продадени во САД по 2035 година ќе имаат нула емисија на СО2. Целта е да се направи воздухот почист, како и да може да се создадат нови големи инфраструктурни проекти поврзани со екологијата.
Но, тоа не е сè. Притисокот од поедини држави на администрацијата на Бајден е исто така насочен кон забрана на мотори со внатрешно согорување за лесни и средно тешки работни возила до 2045 година.
Амбициозниот мега-план на Џо Бајден за обнова на Соединетите држави по корона кризата, вреден повеќе од 2 трилиони долари, предвидува скоро 174 милијарди долари инвестиција во електрифицирана мобилност. Претседателот сериозно се потпира на употреба на електрични автомобили, кои, според Reuters, во моментов сочинуваат околу 2% од вкупната флота на земјата.
Писмото на дванаесетте гувернери го следи она што веќе е решено независно од Калифорнија и Вашингтон (крај на моторите со внатрешно согорување во 2030/2035), како и одлуките на голем број производители на автомобили (вклучително и американски) да се откажат од конвенционалните погони од крајот на оваа или средината на следната деценија.