Aко го запрашате Рос Брон, кој пред трката во Сингапур го претстави концептот како треба да изгледа Formula 1 во 2021 година, иднината е тука

„Ние сакаме болиди кои изгледаат подобро од оние што ги гледаме во видео игрите, истакна Брон на презентацијата и додава: „Естетиката е многу важна и сите се согласуваме дека сакаме Formula 1 болиди кои изгледаат добро“.

Од тркачка страна, Брон нагласува дека болидите во 2018 година губат и до 50% од перформансите кога ги следат ривалите. Тоа значи дека ако и двата возачи се на исти гуми, кои се исто стари, скоро и да нема шанси за претекнување. Овој аспект треба да се поправи со новите правила, кои се воведуваат во 2019 година. Според Брон, болидите тогаш ќе губат околу 20% од перформансите во моменти кога следат друг болид, па следењето ќе биде многу полесно. Очекуваме и промени во профилот на пневматиците како и нов дизајн на заштитниот ореол на возачите.. Се очекува дека болидите во 2021 година ќе бидат уште полесни за следење, бидејќи предното крило ќе биде многу поедноставно.

Британецот се надева дека новиот концепт за 2021 година ќе биде одобрен во текот на следната сезона, па тимовите ќе можат да започнат со подготовка.

Прашан што мисли за потенцијалот на новиот изглед на болидите, Луис Хамилтон вели: „Јас дефинитивно ќе ги возам овие автомобили, ако изгледаат толку добро. Единствено што би замолил е да се вратат V10 или V12 погонските агрегати“.

Колку овој концепт ќе биде применлив во пракса, останува да се види, но дефинитивно ќе биде многу добро за спортот ако имаме болиди кои изгледаат толку привлечно и кои ќе овозможат квалитетно тркање.