Петтата генерација на Micra е ажурирана и подготвена да се справи со конкуренцијата до крајот на својот животен циклус

Јапонскиот модел од Б сегментот се нуди со пет нивоа на опрема, што е помалку отколку пред рестилизацијата.Од Nissan наведуваат дека се решиле на овој чекор со цел да им овозможат на клиентите полесно да ја изберат идеалната верзија на Micra за себе – Visia, Acenta, Tekna, N-Sport и N-Design.

Новиот пакет N-Design носи неколку промени кога станува збор за надворешниот дизајн. Овој пакет опрема во суштина овозможува малку повисоко ниво на персонализација отколку што тоа е случај со другите варијанти. Клиентот може да избере помеѓу детали со црна боја со висок сјај или „хром“. Исто така, Micra во пакетот N-Design доаѓа со двобојни 16-инчни алуминиумски фелни.

На надворешноста на N-Sport варијантата, се гледаат црни додатоци со висок сјај, како и специфични фелни од 17 инчи. Во ентериерот може да се види и многу алкантара, што е луксуз резервиран за оваа варијанта на Micra. Како стандардна опрема во N-Sport предната светлосна група доаѓа во LED технологија (вклучително и светлата за магла).

Веќе од основниот пакет на опрема Visia, Micra може да се пофали со неколку современи системи како што е „помош при поаѓање по нагорнина“, како и системи кои Nissan ги нарекува, Intelligent Ride Control и Intelligent Trace Control. Јапонската марка нуди и таканаречен Safety pack или додаток кај одредени пакети на опрема кој донесува цела низа активни системи за безбедност како што се AEB, потоа откривање на сообраќајни знаци, систем за одржување на возилото во сообраќајна лента, автоматско исклучување на долгите светла…

Што се однесува до моторизацијата, промени нема. Micra и понатаму користи еднолитарски турбо-бензински мотор со три цилиндри. Nissan истакнува дека тие дополнително ја испеглале кривата на вртежниот момент и дека ја направиле единицата посоодветна за употреба во урбаните области.

Почетната цена на освежената Micra во пакетот Visia е 16.990 € во Франција. Nissan наведува дека продажбата на овој модел ќе започне во декември годинава.