Nissan и Renault во моментов се ангажирани со дискусии, кои на крајот може да резултираат со нов ентитет во автомобилската индустрија. Преговорите, се разбира, ги води, Карлос Гон

Renault и Nissan Motor преговараат за спојување на двете компании, што треба да резултира со создавање на нова компанија, со обединети акции на пазарот.

Доколку се дојде до договор, тоа ќе биде крај на актуелниот сојуз, и ќе се формира нова корпорација. Овие информации не се официјални, но доаѓаат од сигурни извори, кои не сакаат, барем досега, да бидат именувани, пишува Bloomberg.

Renault во моментов поседува 43 отсто од акциите во Nissan, додека јапонскиот гигант поседува 15 отсто од својот француски партнер. Карлос Гон, претседател на двете компании, е задолжен за преговорите, а во случај на заеднички ентитет, тој ќе биде на чело, што секако не е изненадувачки.

Вклучените страни разговараат за трансакција во која Nissan практично ќе ги предаде акциите во Renault на новата компанија. Акционерите на Nissan, исто така, ќе добијат удел во новиот ентитет во замена за нивните средства. Седиштата би биле задржани, во Јапонија и Франција.

Сепак, според многумина, доаѓањето до финален договор нема да биде лесно.

Француската влада поседува 15 отсто од Renault и можеби нема да сака да даде на некој друг контрола врз пакетот и практично да го разводни своето влијание.

И француските и јапонските власти, исто така, треба да го одобрaт договорот, а она што може да излезе на крајот е да се заземе цврст став за тоа каде треба да биде седиштето на новата компанија.

Главните опции се Лондон или Холандија, каде што FCA го има своето корпоративно седиште, додека централните канцеларии во Италија и САД се задржани.

Конечна одлука нема, а преговорите траат веќе неколку месеци. Всушност, до одлука може нема ни да дојде.

Портпаролот на алијансата Renault-Nissan изјави дека групата не ги коментира гласините и шпекулациите, додека портпаролот на француското министерство за финансии одбива да даде изјава. Претставници на Nissan и Renault, исто така, не сакаат да даваат изјави.

Агенцијата Reuters претходно овој месец објави дека Nissan разговарал за купување на делот од француската влада во Renault, а од алијансата Renault-Nissan тогаш се изјаснија дека сите преговори за трансакција со акции се „чиста шпекулација“.

Од друга страна, Гон се има обврзано да го зацементира партнерство на Renault со Nissan, велејќи во февруари дека компаниите ќе изнајдат план за „сојузот да стане неповратен“. Шеесетгодишниот бразилско-либанско-француски бизнисмен ја напушти функцијата генерален менаџер во Nissan минатата година, со цел да се фокусира повеќе на партнерството.

Двете компании се стремат да ги удвојат заедничките инвестиции на 10 милијарди евра до 2022 година (почнувајќи од 2016 година).

Потесетување дека во април, Mitsubishi Motors, чиј најголем дел е во сопствеништво на Nissan, дополнително ќе се интегрира во Алијансата, со придружување во организацијата за поделба на купувањето компоненти.

Целта на Алијансата, кога станува збор за продажбата, е 14 милиони единици до 2022 година, во споредба со 10,6 милиони минатата година. Volkswagen Group, најголемиот светски производител на автомобили, минатата година продаде 10,7 милиони возила.

Додека компаниите идентификувале голем број бенефиции кои ги носи партнерството, сето тоа може да биде искомплицирано се додека не се реши нерамнотежата во однос на сопственичката структура.

Гон минатиот месец потврди дека Јапонија нема да се согласи со поцврста структура ако Франција остане акционер. Тој, исто така изјави дека не се обидува да ја убеди француската држава да го намали својот удел во Renault.

„Тие одлучуваат дали ќе бидат таму или ќе заминат“, изјави тој. „Искрено, јас дури и не ја отворам оваа тема. Само земам во предвид дека имам акционери за кои сакам да бидат задоволни колку што е можно, како и да осигурам дека ја разбираат нашата стратегија и ги вреднуваат нашите резултати“.

Извор: Bloomberg