Раководител на Continental: Не очекувајте пониски цени на гумите!
Финансискиот директор на Continental, Волфганг Шефер, вели дека не очекува турбуленциите на пазарот за гуми и нови автомобили да исчезнат во текот на следната година.
Шефер посочува дека цената на гумите веќе е зголемена оваа година, од повеќе причини. Првата е зголемената цена на суровините, како што се нафтата, челикот и природната гума.
„Мораме да го компензираме големото зголемување на цените на материјалите, а тој тренд ќе продолжи и следната година“, вели Шефер. Тој додава дека не очекува пад на цените на суровините, и дека нема да има поевтини гуми.
Финансискиот директор на Continental се надоврзува и на актуелната криза со недостатокот на полупроводници во автомобилската индустрија, што секако се прелева и на производителите на гуми.
„Врз основа на информациите што ги имаме, не можам да кажам дека оваа криза ќе заврши следната година“, вели Шефер.
Тој додава дека и самиот Continental нема доволно полупроводници и микрочипови за своите потреби, што е уште еден удар за оваа компанија.
„Знаеме колку ни треба за следната година и сигурни сме дека нема да можеме да набавиме доволно компоненти“, заклучува Волфганг Шефер.