Hyundai објави дизајнeрски цртеж на ентериерот од новата генерација на својот компактен SUV модел

Очекувано, дизајнот е минималистички, а „кокпитот“ е целосно дигитализиран.

На командната табла доминираат два големи дигитални екрани. Првиот се наоѓа пред возачот и изгледа како класичен таблет. Овој дисплеј ја менува класичната аналогна табла со инструменти, која, судејќи според трендовите во автомобилската индустрија, полека но сигурно оди во историјата. 

Вториот екран се наоѓа на горниот дел од централната конзола, под модерно дизајнираните правоаголни отвори за воздух. Овој дисплеј служи за управување со мултимедијалниот систем.

Нешто пониско е сместен сетот од команди за климатизацијата, но од цртежот не е целосно јасно дали копчињата се класични или дизајнирани како контроли чувствителни на допир.

Повеќе детали ќе бидат познати во наредните недели и месеци, кога се очекува Hyundai и официјално да ја претстави новата генерација на Tucson.