Производителите на автомобили очекуваат астрономски приходи од претплатнички услуги
Автомобилските марки се чини дека си најдоа нов „извор“ на огромни приходи
General Motors е убеден дека до 2030 година би можел да заработува дури 30 милијарди долари годишно, исклучиво од различни услуги базирани на претплата. Stellantis го очекува истото, таргетирајќи 23 милијарди долари годишен приход, исто така, од претплати на различни софтверски услуги.
Мамата Чамарти, шефицата на Stellantis за развој на софтвер, истакнува дека оваа област ќе биде следниот фокус на автомобилската индустрија.
„Во минатото, ги зголемивме приходите со тоа што ги туркавме клиентите кон повисоки модели, додека нашата иднина ќе лежи во обезбедувањето софтверски услуги“, вели Чамарти.
Од друга страна, извршниот директор на Stellantis, Карлос Таварес, вели дека ќе биде неопходно возилата да станат поевтини доколку се сака да се реализира тој пристап.
„Мораме да направиме нешто околу трошоците за производство, за автомобилот да не стане алатка достапна само за повисоките класи“, вели Таварес.
Но има и други кои не веруваат дека идните претплати ќе бидат ефикасни како што се очекува. Мајк Ремзи, аналитичар за автомобилската индустрија во Gartner, е сигурен дека таквиот пристап нема да успее.
„BMW размислува да наплатува преку претплата за грејачи на седишта… Мислам дека нема да им оди добро“, вели Ремзи.
Системи за претплата се разгледуваат и во Mercedes како и во Ford, но сето тоа е сè уште во зародиш. Малку е веројатно дека ова наскоро ќе стане широко распространето движење во автомобилската индустрија, која, како и секогаш, е желна за што поголем профит.