Производителите на автомобили ќе мора да вградат уред за детекција на алкохол во своите возила
Американскиот Конгрес одобри инвестиција од 1 билион долари во инфраструктура, која вклучува нов сет на правила за производителите
Имено, автомобилските компании ќе бидат обврзани да инсталираат систем за мониторинг на алкохолизираност во сите нови автомобили почнувајќи од 2026 година. Сепак, не е јасно како ќе ја постигнат оваа цел. Тие прво мора да најдат соодветна технологија што ги исполнува владините барања, што би можело да ја одложи имплементацијата по крајниот рок до 2026 година.
Ова ќе биде сериозна задача за производителите. Сегашната технологија овозможува системот за блокирање на палењето да се поврзе со уред за детекција на алкохол за лица осудени за возење во алкохолизирана состојба, што бара од нив прво да дуваат во уредот пред да им биде дозволено да го стартуваат моторот. Малку е веројатно дека овој тип на пречка ќе се појави пред возачите кои само сакаат да стигнат на работа наутро. Тоа значи дека автомобилските компании ќе мора да бидат покреативни, што некои и се во одредени случаи.
Со доаѓањето на полуавтономните системи за асистенција на возачот, производителите почнаа да инсталираат системи за следење на возачот за да се осигураат дека овие обрнуваат внимание на патот. Денеска нема целосно автономен автомобил во продажба, а достапните системи бараат од возачите да внимаваат на патот напред, дури и ако автомобилот се движи самостојно. Ако возачот не внимава на патот, автомобилот може безбедно да запре. Производителите исто така почнаа интензивно да се справуваат со поспаноста на возачот.
Комбинацијата на двата системи би можела да биде успешна формула, со чија помош производителите би им помогнале на властите да го намалат бројот на смртни случаи предизвикани од возење во алкохолизирана состојба. Скоро 30 проценти од сите смртни случаи во сообраќајот годишно се поврзани со алкохол, според податоците на NHTSA, што е околу 10.000 луѓе (во САД).
Инфраструктурниот пакет, исто така, бара од производителите на автомобили да инсталираат систем за потсетување за да ги предупредат родителите за децата оставени на задните седишта. Оваа обврска би можела да стартува веќе во 2025 година.