Јапонскиот производител објави фотографии и спецификации од новата Mazda3 за европскиот пазар

Европската презентација на новата „тројка“, Mazda ја одржа во Лисабон, Португалија. Пред новинарите беа презентирани две верзии – седан и хечбек со 5 врати, како и гамата на мотори за Европа, која се состои од еден дизел и два бензински агрегати.

Иако Mazda, веројатно многумина ќе се сложат, визуелно и квалитативно е на самиот врв, продажбата досега не беше на соодветно ниво. Но новата генерација ги има сите атрибути тоа веројатно да се промени. Но, Европјаните се чуден народ…

Гамата на мотори за европскиот пазар започнува со нов основен дизел, 1.8-литарскиот SkyActiv-D со 120 КС и 270 Nm. Овој револуционерен дизел можеби нема многу моќ, но го краси Rapid Multi-stage Combustion систем и NSC (NOx Storage Catalyst) катализатор за штетните азотни оксиди. Mazda наведува дека просечната потрошувачка на овој агрегат е 4,7 литри со емисија на CO2 од 130 грама на километар.

Основниот бензинец (Skyactiv-G 2.0) сè уште е оној со 120 „коњи“ и 210 Nm максимален вртежен момент. Неговата штедливост се постигнува со помош на благ хибриден систем од 24 V со литиум-јонска батерија од 600 kJ и деактивирање на цилиндри. Резултатот се отчитува во просечна комбинирана потрошувачка од 6 литри бензин на 100 километри и емисии на јаглерод диоксид од 136 грама на километар.

Конечно, тука е „деликатесот“ во форма на SKYACTIV-X мотор со 181 КС, кој ќе биде достапен само со погон на сите тркала и многу веројатно поинаква суспензија.  Станува збор за првиот комерцијален бензински мотор во светот со компресионо палење, кој во 2018 година освои две награди за технички иновации.

SKYACTIV-X користи со искра контролирано компресионо палење (SPCCI – SPark Control Compression Ignition), иновативен систем кој е плод на сопствен развој и овозможува „мазен“ преод помеѓу палењето со искра на вообичаена смеса на воздух и гориво и компресионо палење на исклучително сиромашна смеса.

На тој начин се комбинираат предностите на бензинските мотори (висок број на вртежи и чиста емисија) и дизел моторите (супериорен одзив и забрзување при ниски режими со мала потрошувачка на гориво, подобрувајќи ја ефикасноста и вртежниот момент до 30%.

Инаку, сите три мотори се стандардно спарени со 6-брзински мануелен менувач, додека 6-брзинскиот автоматик е достапен како опција. Дополнително, хеџбек верзијата со Skyactiv-X агрегат ќе биде понудена и со i-Activ AWD погон на сите четири тркала.

ФОТО ГАЛЕРИЈА

 

[useyourdrive dir=”1gCWxTk8uu1YZxdtbVd0CGbb3bTHrCyo3″ maxheight=”480px” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showfolders=”0″ showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]