Volkswagen го претстави освеженото издание на хечбекот од Б-сегментот

Моделот Polo на сцената егзистира повеќе од 45 години, за кое време Volkswagen има продадено повеќе од 45 милиони примероци. Сепак, продажбата во последно време не е на задоволително ниво. Значително помладите и „поталентирани“ конкуренти, пред се од Франција, на моделот му земаа голем делот од колачот.

Volkswagen Polo ја губи битката на европско ниво од Peugeot 208 и Renault Clio, а на домашниот пазар од Opel Corsa. Со последното ажурирање во Volkswagen се надеваат на подобри продажните резултати иако во реалност тоа може да биде тешка задача.

Ажурираното Polo презело некои од стилските карактеристики веќе видени во остатокот од гамата на Volkswagen. Иако многумина веруваа дека светлосната група ќе биде преземена од новиот Golf, тоа сепак не се случи.

Како и да е, предните и задните светлосни групи се променети, а на тие делови од возилото се инсталирани и нови браници. Исто така, тука е LED лентата која ги поврзува фаровите, што е карактеристично за поновите автомобили од производителот од Волфсбург, а целиот тренд го започна VW Passat.

Неколку промени има и во салонот. Пред возачот сега се наоѓа дигитална инструмент табла, како и нов управувач. Инструмент панелот има дијагонала од 8 инчи, додека екранот монтиран на врвот од централната конзола доаѓа со стандардни 6,5 инчи. Опционално со доплата, дијагоналата на двата дисплеја може да биде поголема, па така инструмент дисплејот може да биде со 10,25 инчи, а дисплејот за контрола на инфо-забавниот систем со 9,2 инчи. За среќа, Polo сеуште има физички прекинувачи и копчиња, но системот за климатизација е преземен од Golf.

Внимание е посветено и на имплементацијата на поновите активни системи за безбедност во сообраќајот. Така, Polo по избор може да се нарача со системот Travel Assist. Во суштина станува збор за пакет кој комбинира неколку системи како што се адаптибилен темпомат и одржување на возилото во сообраќајната лента.

Кога станува збор за моторизацијата, најголемата новина е крајот за 1.6 TDI. Во иднина, Polo ќе се потпира исклучиво на 3-цилиндерски бензински мотори, значи ништо и од 1.5 TSI, ниту од електрификација и примена на благи хибридни системи. Базната единица е 1.0-литарски атмосферски бензинец со 80 КС, проследен со турбо варијанти на таа единица со 95 и 110 КС.

Верзијата со 95 КС доаѓа во комбинација со 5-степен мануелен менувач или менувач DSG, додека помоќната верзија со 110 коњски сили е во комбинација само со DSG. 

Volkswagen потврди дека за некои пазари ќе бидат достапни и верзии на плин и метан. Станува збор за 1.0 TGI кој испорачува 90 КС и е поврзан со 6-брзински мануелен менувач.

Изборот на пакет на опрема се сведува на Life, Style и R-Line. Покрај тоа, Volkswagen наведува дека Polo GTI ќе остане во понуда, иако прашање е кога ќе се одржи неговата премиера бидејќи не е прикажано заедно со стандардното издание. 

[useyourdrive dir=”12HPiWQLtV24UvXn8RtGGyVM3yTw77fNv” maxheight=”480px” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showfolders=”0″ showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]

Продажбата на освежениот модел во Европа започнува во втората половина на оваа година, најверојатно во третиот квартал.