Премиера за новиот Honda Civic Type R – побрз од кога било / ФОТО+ВИДЕО
Не се остварија шпекулациите за погон на сите тркала, хибриден погон или автоматски менувач со двојна спојка
Honda Civic Type R, еден од најпопуларните спортски „hot hatch“ модели на сите времиња, доби ново издание. Ова несомнено е најмоќниот R во историјата и без сомнение најважниот новитет во класата оваа година.
Првиот Type R беше претставен пред 25 години, а ова е негова шеста генерација. Се базира на неодамна претставената 11-та генерација на Civic, но како и претходните модели, драстично се разликува од својата база.
Не се остварија шпекулациите за погон на сите тркала, хибриден погон или автоматски менувач со двојна спојка. Дури и во новата генерација, Civic останува доста суров со докажан погон на предните тркала, мануелен менувач и моќен турбо мотор.
Сè уште не е објавена точната моќност на автомобилот, но од Honda тврдат дека новиот Type R е помоќен од неговиот претходник кој има 320 КС. Силата се испраќа до предните тркала преку механички диференцијал со ограничено пролизгување.
Honda се уште не ги открива ниту перформансите, но сигурно е дека автомобилот ќе биде побрз од претходникот и воедно најбрзиот автомобил со погон на предни тркала во светот. Honda веќе го докажа тоа на патеката Сузукa каде што моделот постави нов рекорд за автомобили со погон на предните тркала. Претходниот рекордер го држеше претходната генерација на Civic Type R.
Honda се обидела на идните сопственици на Type R да им понуди интересни „гаџети“. Honda LogR прикажува и снима податоци за однесувањето на автомобилот на патека, како вистинската телеметрија во тркачките автомобили. Камерата снима видеа за возење што можете да ги споделите со инфозабавниот систем на автомобилот.
Внатрешноста е целосно променета. Поради побогатата опрема и големиот екран на допир од 10,2 инчи, автомобилот изгледа порафинирано. Дигиталните инструменти пред возачот можат да го променат својот изглед, во зависност од избраниот профил на возење. Секој автомобил е опремен со метална плочка со сериски број сместен над кутијата за ракавици.
Honda најави дека автомобилот ќе биде лесен и со исклучително цврста конструкција. Автомобилот на сликите е поставен на бандажи од 19 инчи, што значи дека нивните димензии се намалени во однос на претходникот (20 инчи). Ова веројатно е направено поради помалата маса и подобрените перформанси. Гумите се 65/30 ZR19. Најинтересен детал одзади е враќањето на тројната издувна цевка.
Детални информации и цени Honda најверојатно ќе објави кон крајот на летото.