За стариот континент, кросоверот ќе го користи погонот од новиот Qashqai

Nissan на салонот во Шангај ја претстави новата генерација на кросоверот X-Trail. Како и други слични автомобили, автомобилот првично ќе биде достапен на азискиот пазар, а следната година се очекува да стигне и до Европа.

Преставениот дизајн на новиот Nissan X-Trail ќе се користи и за верзијата за Стариот континент, а јапонскиот производител воедно излезе со соопштение и за некои технички спецификации. Се очекува моделот да користи слична технологија како помалиот теренец Qashqai, кој дебитираше на почетокот на оваа година.

Новата генерација X-Trail е изградена на CMF-C архитектурата, која исто така ја користи и новиот Qashqai. А тоа значи понуда на компаниската хибридна технологија е-Power, која комбинира 1.5-литарски бензински турбо-мотор, за полнење на батеријата кој пак му дава енергија на електромоторот.

Во помалиот Qashqai, електромоторот ги задвижува предните тркала, испорачувајќи 190 КС и 330 Nm. Поставката ќе се користи и за поголемиот модел, а од Nissan не прецизираат дали ќе има верзија со два електромотори, односно погон 4х4. Затоа од компанијата потврдуваат дека погонот на четири тркала сигурно ќе биде достапен во верзиите со конвенционални мотори, заедно со неколку режими на работа според видот на теренот и условите на патот.

Што се однесува до дизајнот на новиот X-Trail, и во тој поглед видливо е влијанието на новиот Qashqai, нудејќи поиздолжена V-Motion решетка и потесни фарови. Кросоверот има поаглести линии, што му дава поагресивен изглед споредено со неговиот заоблен и „помек“ претходник.

Новата платформа CMF-C овозможува новата генерација на моделот да понуди и трет ред седишта односно седум места за патници, а производителот гранатира дека кросоверот ќе има подобрено управување и поудобно возење. Внатрешноста е прилично модернизирана, а автомобилот ќе понуди нови и ажурирани системи за безбедност и помош на возачот.

Со четвртата генерација на X-Trail, Nissan го комплетира ажурирањето на својата SUV палета, која започна со претставување на новиот Juke во 2019 година, проследена со електричната Ariya и бестселерот Qashqai.