Познат американски магнат во индустријата за мебел преку аукција ќе се раздели од колекција која вклучува 120 ретки автомобили / ВИДЕО
Најскапиот автомобил во колекцијата е Mercedes-Benz 300 SL Roadster од 1960 година
Солидната колекција на автомобили на милионерот Џин Пондер ќе се најде на аукција на Sotheby’s во САД. На листата се наоѓаат 120 ретки автомобили со вкупна вредност од околу 20 милиони долари. Детали за колекцијата се откриени на официјалната веб-страница на аукциската куќа. Продавачот, Џин Пондер, е американски магнат за мебел кој собирал автомобили произведени во временска рамка од повеќе од половина век. Во колекцијата има скапи модели од марките Ferrari, Maserati, Mercedes-Benz и Bugatti, а причината за разделбата со нив не се соопштува.
80-годишниот Тексашанец почнал да собира автомобили уште во 1960-тите. Неговата прва „автомобилска љубов“ била MG TC од 1948 година кој неговиот вујко го донел од Европа во 1952 година, откако служел во морнарицата. Автомобилот оставил толку силен впечаток кај 10-годишниот Пондер што страста за марката MG ја носел во текот на целиот свој живот, а многу ретки претставници од брендот може да се најдат во неговата колекција. Како што вели Пондер во интервју за „Houston Chronicle“, тој пораснал во сиромаштија, но купил спортски автомобил во првиот момент кога можел тоа да си го дозволи.
„Видов мал Fiat за 200 или 300 долари, го купив и мислев дека сум во рајот“, се присетува Пондер во интервјуто за Chronicle. „Не беше многу скапо, но беше спортски автомобил. Потоа купив неколку MG, ги реставрирав, ги продадов и купив уште шест“.
Со текот на времето, Пондер заработил богатство во индустријата за кујнски мебел и можел да си дозволи да изгради импресивна колекција на автомобили, за што морал да изгради пет посебни гаражи.
Најскапиот примерок е Mercedes-Benz 300 SL Roadster од 1960 година, проценет на 1,7-1,9 милиони долари. Од другите особено ценети автомобили тука се Aston Martin DB 2/4 од 1954 година и Maserati 3500 GT од 1960 година во вредност од околу еден милион долари. Американецот поседува и неколку вредни Ferrari модели како купеата 250 GT и 330 GTC, кабриолетите 212 Barchetta и 246 Dino. Во неговата колекција има и многу ретро MG модели.
Покрај тоа, колекцијата има многу висококвалитетни реплики на познати автомобили од 1930-тите и 1950-тите, изградени по индивидуална нарачка на Пондер. Репликата на Bugatti 57 SC Atlantic се проценува на 1,4-1,8 милиони долари, иако оригиналот е уште поскап и чини околу 40 милиони долари. На аукцијата ќе се најдат и реплики на Alfa Romeo 8C 2900 B, Bugatti 55, Jaguar C-Type и Ferrari 250 TestaRossa.
Американецот не продава само автомобили, туку и мотоцикли, чамци, како и патокази, регистарски таблички, па дури и брачен кревет во форма на тркачки суперавтомобил на Ferrari.