Новиот Porsche Taycan ценовно ќе биде позициониран под Panamera

„Електричниот спортист со четири врати на пазарот би требало да стапи следната година, со почетна цена од над 80.000 евра. Очекуваме цената да биде некаде помеѓу Cayenne и Panamera“, вели Роберт Мејер, директор на моделната линија на Taycan.

Вклучувајќи ги и таксите, цената за базниот модел во Германија треба да биде помеѓу 74.828 и 90.665 евра.

Сепак, главниот финансиски директор на Porsche, Лук Мешке вели дека би сакал во понудата да стави поперформантни верзии кои би можеле да достигнат цена и од 200.000 евра.

Двата перманентно синхронизирани електрични мотори, кои ги испорачува Magneti Marelli, ќе располагаат со повеќе од 600 КЅ, што ќе обезбеди спринт до стотка за помалку од 3,5 секунди. Porsche планира да го искористи Taycan за рушење на рекордот на Нирбургринг во категоријата на сериски електрични возила, а целта е време помалку од 8 минути.

„Асинхроните електрични мотори се разбира се поевтини, но тие имаат еден важен недостаток: можете да го преоптеретите моторот само еднаш кога сакате силно да забрзате, пред да го достигне неговиот лимит вториот или третиот пат“, вели Мејер. „Тоа е совршено прифатливо за повеќето електрични автомобили, но не и за Porsche со високи перформанси“.

Литиум-јонската батерија од 800 V доаѓа од Dräxlmaier Group, и се состои од ќелии произведени од корејскиот LG Chem во специјален однос на моќ и енергија, со цел да се добие потребниот баланс за испорачување на високи перформанси.

Taycan ќе има возна автономија од над 500 километри со едно полнење. Сепак, оваа пресметка е според NEDC стандардот, што значи дека треба да се земе со резерва. Кога батеријата ќе се потроши, потребни се само четири минути со брз полнач од 350 kW, за дополнителни 100 километри на возење. Според проценката на Porsche, на Tesla и треба два и пол пати повеќе време за остварување на истата работа.

Германската марка очекува производство од 20.000 примероци на Taycan во две смени на годишно ниво, но шефот на производство, Албрехт Рајмонд вели дека ќе се воведе и трета смена ако за тоа има потреба.