Германскиот бренд во понудата ќе додаде повеќе верзии на Taycan, за да го зголеми изборот за потенцијалните купувачи

Новитетот воедно треба да биде и влезниот модел во семејството Тaycan. Овој иден електричен седан ќе има погон само на задните тркала, за разлика од остатокот од гамата.

Првиот човек на одделот за истражување и развој на Porsche, Мајкл Штајнер, потврдува дека во новата варијанта ќе има и батерии со помал капацитет.

„Логиката според која Taycan има погон само на задните тркала е едноставна – има места каде временските услови не бараат возила со погон на сите тркала, како што е Кина“, вели Штајнер.

Судејќи според овие зборови на Штајнер, тогаш постои можност оваа верзија на електричниот седан да биде достапна само на одредени пазари – како Кинескиот.

Воедно, овој базен модел ќе биде и најевтин во понудата за Taycan. Затоа, покрај помалата батерија, се очекува присуство на само еден електричен мотор – дополнително укажува дека овој Taycan ќе има значително помала моќност од останатите варијанти, односно помалку од 522 КС колку што нуди 4S опцијата.

Најевтиниот Taycan е предвиден за пазарна промоција во 2021 година. Сепак, пред тоа ќе имаме можност да видиме уште еден додаток кон електричното портфолио на Porsche.

Пред крајот на годината треба да пристигне Taycan Cross Turismo, караван со зголемен клиренс за кој германската марка очекува многу во однос на резултатите од продажбата.