
Porsche ја слави својата 70-годишнина со Cuvée 356
За Германците испаѓањето од Светското првенство во фудбал можеби е „крај на светот“, но тоа секако не е причина Porsche да не ја просли 70-годишнината на брендот, и тоа со специјално Cuvée 356
Зад нас се седум децении на производство на перформантни автомобили, а во Cufenhausen тоа секако сакаат да го истакнат. Годишнината е веќе обележена со две ограничени едиции на часовници, а можно е и лансирање на нов 911 Speedster по повод тоа на Goodwood фестивалот на брзината. Но, вљубениците во автомобилите на Porsche, јубилејот може да го прослават и со специјално шише вино.
Cuvée 356 им оддава признание на првите примероци на брендот. Иако Porsche тесно се поврзува со Cufenhausen крај Штутгарт, првите 47 примероци од 356-ката доаѓаат од Гмунд во Австрија. И токму затоа, за да се оддаде признание на корените, Cuvée 356 доаѓа од Weingut Tement, лозови насади во Еренхаузен, Австрија. Се наоѓа во јужниот вински регион на Штаерска, оваа област е слична на италијанскиот Пијемонт или Тоскана.
Со мешање на неколку сорти, во Weingut Tement го создале Cuvée 356. Според производителот, опојната миризба и вкус на овој „нектар“ се добиени благодарение на пинот бланк, шардоне, совињон бланк и пинот грис.
Како да добиете шише со етикета Cuvée 356? Е тоа и не е така лесно. Имено, шишиња се достапни во Музејот на Porsche, а чаша со соодветен оброк може да се нарача во ресторанот Christophorus во Штутгарт. Германците, или пак оние со адреса во Германија, може да го нарачаат директно од Porsche, но само во пакување од 18 шишиња, кои чинат 366 евра (испораката е вклучена во цената).
Porsche својата годишнина не ја користи само за продажба на нешта. Компанијата сака да евоцира сеќавања преку креирањето на Model 356 „ No. 1 Show Car“, сличен на оригиналот колку што било можно да се постигне. Имено, оригиналниот примерок е изгубен, но сликите од архивата, како и цртежите, му овозможиле на тимот на Porsche да изгради реплика, со мали промени во дизајнот.


По осум месеци работа, резултатот е фасцинантен родстер во плава боја и внатрешност обложена со темно црвена кожа. Возилото ќе биде изложено на бројни изложби, меѓу другите и на Goodwood фестивалот на брзината, од 12 до 15 јули.