Германскиот производител лансираше специјална, јубилејна серија на Panamera во Америка во име на 10-годишнината од постоењето на моделот

Специјалното издание на спортскиот модел со со четири седишта кој значително ја подигна продажбата на Porsche, ќе биде достапен во стандардна верзија, како и во варијантите Panamera 4 и Panamera 4 E-Hybrid.

Јубилејните возила се офарбани во црна боја и стандардно доаѓаат со Sport Design алуминиумски фелни од 21-инчи во White Gold Metallic нијанса. Автомобилот е визуелно различен од „обичната“ Panamera и по ознаката Panamera 10 сместена на долниот дел од предната врата, како и во внатрешноста на возилото.

Верзиите на Panamera 10 Year Edition и Panamera 4 10 Year Edition како погон користат 3.0 V6 со 330 коњски сили и чинат 103.300 долари односно 107.500 американски долари. Panamera 4 E-Hybrid 10 Year Edition покрај 2.9 twin-turbo V6 агрегатот има и електричен мотор, а вкупната моќност на хибридниот систем е 462 КС. Сето тоа чини 116.900 долари. Испораките се закажани за првиот квартал од 2020 година.

Иако многумина се сомневаа во успехот на моделот Panamera кога се појави пред 10 години, луксузниот спортски седан на Porsche го надмина планираното годишно производство од 20.000 возила. Лансиран во април 2009 година, до денес е продаден во 235.400 примероци од првата и втората генерација, на глобално ниво.