Поради недостаток на чипови, автомобилите се испорачуваат без некои делови од опремата?!
Во овој момент, производителите на автомобили се приморани да прават компромиси поради глобалниот недостаток на полупроводници
Како резултат на тоа, од монтажните линии излегуваат „недовршени“ автомобили. Веројатно никој не би помислил дека зимската бура во Остин, Тексас и епидемијата на коронавирус ќе ја расипaт радоста на купувачите на германски возила. Производството на микрочипови во погоните на Infineon Technologies AG од Минхен претрпело голем удар, што резултира со недостаток.
Бидејќи многу електронски делови за автомобилите се состојат од такви чипови, возилата на Audi, Daimler, Porsche… во моментов ја напуштаат производствената линија „недовршени“.
Така се случува, според германски Welt, некои производители да им објаснат на своите клиенти дека не можат да го испорачаат автомобилот што го нарачале. За да не чекаат повеќе за нов автомобил, некои клиенти се подготвени привремено да ги намалат очекувањата и опремата.
Клиентите на Mercedes, на пример, како и клиентите на Porsche, BMW и Audi, возат без електронското сетирање на управувачкиот столб, резервен клуч (автомобилите понекогаш се испорачуваат со само еден клуч) и функција за зголемена реалност кај модерните уреди за навигација, која ја проектира сосотојбата во сообраќајот и податоците за насоката на шофершајбната. Производителите тврдат дека недостатокот на овие карактеристики не влијае на безбедноста.
За да може полесно да се надгради опремата што недостасува, цели управувачки единици се изоставени во конструкцијата на автомобилите и заменети со таканаречени лажни компоненти.
Подоцна, кога ќе се отстрани недостатокот на полупроводници, сите потребни елементи ќе бидат инсталирани при посета на овластен сервисен центар. Системот за снабдување ќе се нормализира во 2022 година. Дотогаш, купувачите на нови автомобили мора или да бидат трпеливи, да возат „недовршени“ автомобили – или веднаш да се одлучат за поинаква конфигурација. Начинот на кој производителите на автомобили ги компензираат непријатностите на своите клиенти ќе се регулира поединечно и ќе се разјасни со дилерите и изложбените салони. Но, надокнадите се можни, вели портпаролот на Porsche.