Најавите се остварија. Производството во фабриката во Оксфорд, каде се произведуваат автомобили од брендот MINI, е суспендирано за период од еден месец (29 Март-29 Април)

MINI, која е во сопственост на германскиот BMW, уште во октомври најави дека привремено ќе ја затвори фабриката, кога се претпоставуваше дека Brexit официјално ќе стапи на сила на крајот од март. Во меѓувреме, датумот на Brexit е поместен, но MINI остана на претходната одлука.

Во Оксфорд не се среќни поради запирањето на процесот на производство на еден месец, со оглед дека MINI е работодавецот каде работат најголем дел од жителите на овој град.

Градските власти сметаат дека одлуката е погрешна, бидејќи во целиот хаос околу Brexit воопшто не е сигурно дека MINI ќе го постигне саканиот ефект за заштита на бизнисот кој може да биде загрозен со напуштањето на Велика Британија од ЕУ.

Инаку, MINI токму поради Brexit го помести датумот за редовната годишна пауза, која обично е на крајот од годината. BMW како сопственик на брендот, се очекува да биде најпогоден од Brexit, ако не се постигне договор меѓу Велика Британија и ЕУ.

Баварската компанија неодамна објави дека поради тоа би можела да биде принудена да го префрли производството на MINI во Холандија. Ако се случи тоа, тоа ќе биде уште еден удар за британската автомобилска индустрија, по најавата дека Honda ќе ја затвори својата фабрика во Свиндон во 2021 година, по завршувањето на производството на сегашната генерација на Civic.