Почна градежната офанзива на градските сообраќајници вредна 760 милиони денари
Градот Скопје започна градежна офанзива за изградба и реконструкција на градските сообраќајници во вредност од 760 милиони денари, во тековната и наредната година
Минатите два дена почна изградбата на улица Есенинова која ги поврзува општините Кисела Вода, Аеродром и Центар и реконструкцијата на улица Востаничка во Кисела Вода.
Во претстојните месец дена предвидено е да започнат реконструкциите на три булевари и пет улици во неколку скопски општини. Булеварите чиишто реконструкции ќе започнат во следниве месец дена по потпишувањето на договорите со изведувачите се: Александар Македонски (Гази Баба), Видое Смилевски Бато (Аеродром) и 8 септември (Карпош). Во истиот период предвидено е да започнат реконструкциите на улиците: Никола Карев (Центар), Џон Кенеди (Чаир), Никола Парапунов (Карпош), Боца Иванова (Бутел) и Лазар Личеноски (Центар и Чаир).
До крајот на годината предвидено е да завршат постапките за јавни набавки и да започнат изградбите и реконструкциите на следните сообраќајници: бул. Митрополит Теодосиј Гологанов, бул. Никола Карев (Пластичарска), бул. Киро Глигоров, бул. 11 октомври, ул. Македонско-косовска бригада, ул. Васил Ѓоргов, ул. Благоја Стефковски, ул. Лазар Трповски, ул. Љубљанска (со мост преку Вардар до ул. Скупи, а подоцна до бул. Словенија) и други.
Интензивно се работи на втората фаза од изградбата на бул. АСНОМ (мостот преку Вардар), втората фаза од изградбата на булевар Босна и Херцеговина, реконструкцијата на ул. Александар Урдаревски и на улицата Индира Ганди.
„Градот Скопје продолжува да гради со засилено темпо, со рекордно кратки рокови во сите 10 скопски општини. Скопје ќе продолжи да ја развива својата улична мрежа истовремено со мрежите на велосипедски и пешачки патеки со цел обезбедување на одржлива урбана мобилност која подразбира безбеден и ефикасен сообраќај“, велат од Град Скопје.
Извор: Макфакс