Класичните „лажечки полицајци“ наскоро би можеле да заминат во историја, барем кога станува збор за богатите европски земји

Класичните забавувачи се исти за сите, и за оние што возат брзо и за оние што возат споро или едноставно ги почитуваат сообраќајните правила. Единствената разлика е во тоа што конструкцијата на шасијата страда пропорционално со брзината. Сепак, постојат некои далеку порафинирани решенија.

Така на пример, постојат забавувачи кои реагираат само на оние кои возат премногу брзо. Откако камерата за надзор ќе го сними пребрзиот возач, забавувачот се активира и спушта неколку сантиметри за да формира мал рабник – доволно за возачот и патниците во возилото да го почувствуваат тоа.

Ако, пак, возачот вози со пропишаната брзина, патот останува рамен, удобноста при возењето не е нарушена и суспензијата не е изложена на удари.

Германскиот град Ханау инсталирал токму такви нови сообраќајни пречки, а тие веќе се инсталирани и во некои шведски градови (Карлштат, Упсала, Малме…), Исланд и Норвешка.

Познати се и резултатите. Во Торсланд, Шведска, системот бил ставен во функција на почетокот од јуни 2020 година. Во септември истата година, забавувачот бил активиран од 7,5% од возачите кои се упатиле кон југот и само 4,5% од оние кои се упатиле кон северот на земјата. Веќе во декември, уделот на возила што го активирале забавувачот бил само 5% во една насока и 4% во другата насока, што ја потврдува оправданоста за инсталирање на вакви системи.