Овој концепт го става Macan T помеѓу моделите Macan и Macan S

Ова е првиот спортски автомобил со четири врати кој носи посебна ознака, претходно резервирана за 911 и 718. Од 1960-тите, буквата T во Porsche означува единствена форма на динамично возење. Тоа е кратенка за Touring и се доделува на модели кои нудат изразено автентично возачко искуство, благодарение на прецизното подесување, ексклузивната опрема и ефикасните мотори. Во духот на Porsche 911 T од 1968 година, новиот Macan T се одликува со неверојатно динамична поставка и лесен, дволитарски турбо мотор, комбиниран со атлетски дизајн и низа на ериска опрема, идеална за спортски стил на возење. Овој концепт го става Macan T помеѓу моделите Macan и Macan S.

Дволитарскиот 4-цилиндерски турбо мотор на Macan T комбинира висок степен на агилност, мала тежина и компактен дизајн за да создаде пакет кој нуди идеална рамнотежа на тежината и можностите. Во споредба со 2.9-литарскиот битурбо V6 мотор во моделите Macan S и GTS, погонската група во моделот Macan T тежи 58,8 kg помалку на предната оска. Ова му дава на возилото одлични перформанси за стартување и оптимална способност во свиоци.

Macan T има моќност од 195 kW (265 КС) и вртежен момент од 400 Nm – карактеристики кои одговараат на прецизниот дизајн на возилото и обезбедуваат возбудливо возење. Како што е генерално случајот со компактните SUV модели, моторот доаѓа со брз 7-степен менувач со двојна спојка (PDK) и систем за погон на сите тркала Porsche Traction Management (PTM). Широкиот опсег на вртежен момент овозможува нагло забрзување во сите ситуации на возење. Кога е опремен со стандардниот пакет Sport Chrono, кој вклучува прекинувач за промена на режим и копче Sport Response на воланот, Macan T од 0 до 100 km/h забрзува за 6,2 секунди и достигнува максимална брзина од 232 km/h.

Macan T е единствениот модел на Porsche кој има челична суспензија со системот Porsche Active Suspension Management (PASM) како стандард, во комбинација со спуштена каросерија за 15 mm. Стабилизаторите на предната оска се поцврсти, а прилагодувањето на шасијата на автомобилот е оптимизирано за да се создаде совршена суспензија и за возилото и за погонската група, што резултира со одлична реакција при маневрирање и агилно управување.

Системот Porsche Traction Management (PTM) е исто така прилагоден на барањата за возење на моделот Macan T и е специјално дизајниран да ја регулира силата на сопирање на задната оска. Можно е и додавање на адаптивна воздушна суспензија PASM (Porsche Active Suspension Management) и спуштање на каросеријата за дополнителни 10 mm – нова карактеристика за моделите на Macan со 4-цилиндерски мотори. Може да се додаде и Porsche Torque Vectoring Plus (PTV Plus): системот е прилагоден на динамичките карактеристики на моделот T и дополнително ја изострува динамиката на возење.

Специјално дизајнираните сегменти обоени во Agate Grey металик боја на предната, страничната и задната страна на моделот Macan T, го разликуваат од другите модели во серијата. Ексклузивната боја која дава контраст може да се види на обоената предна облога, надворешните ретровизори, страничните панели, спојлерот на покривот и логоата на задниот дел. Спортскиот издув и црната облога на страничните прозорци (висок сјај) се стандардни, а логото на Macan T е црно на страничните панели. Дваесет инчните тркала Macan S, направени исклучиво од темен титаниум, доаѓаат како стандардна опрема. Клиентите можат да изберат од 13 едноставни, металик и специјални бои за надворешноста.

Внатрешноста на Macan T има свој, препознатлив амбиент. Стандардните спортски седишта со електрично прилагодување во 8 правци и греење доаѓаат со ексклузивен тапацир изработен во црна кожа и Sport-Tex, а на секој потпирач за глава на предните седишта e втиснатo логото на Porsche. Контрастот на бојата воспоставен однадвор продолжува внатре во возилото во форма на украсни сребрени шевови на седиштата, потпирачите за глава и воланот.

Стандардната опрема вклучува и мултифункционален спортски волан GT со греење и Sport Chrono стоперка на горниот дел од инструмент таблата. Сериски се и праговите изработени од црн алуминиум со логото Macan T на нив. Во дополнителна опрема спаѓа и мултифункционален спортски волан GT изработен од Race-Tex материјал со карбонски облоги и прочистувач на воздух.

Macan T може да се пофали и со сите нови елементи од генерацијата модели ревидирани во текот на летото 2021 година, како што е новата централна конзола со софистициран стаклен изглед и површина чувствителна на допир, како и целосно вмрежен Porsche Communication Management (PCM) систем со 10,9-инчен екран чувствителен на допир и онлајн навигација вклучена како стандард.

Porsche го нуди Macan T по почетна цена од 69.462 евра со вклучен ДДВ и опрема специфична за земјата на продажба. Моделот е достапен за нарачка, а испораките во Германија ќе започнат во април оваа година.

NEDC: Комбинирана потрошувачка на гориво: 8,8 – 8,7 l / 100 km; Комбинирани емисии на CO2: 200 g / km

WLTP: комбинирана потрошувачка на гориво: 10,7 – 10,1 l / 100 km; Комбинирани емисии на CO2: 242 – 229 g / km