Сега за сега е воведена само делумна забрана, односно ограничено движење низ градот

Бристол е официјално првиот град на Островот кој им вели „НЕ“ на дизелите. Според градските челници, ваквата одлука се темели на високото загадување на воздухот, особено во централниот дел од градот. Токму во овој реон во текот на работните денови во попладневните часови биле мерени неколку пати поголеми количества на азотни оксиди во воздухот.

Создавањето на таканаречена Зона за чист воздух (Clean Air Zone) е предвидено да започне во 2021 година, за во меѓувреме деловните субјекти и поединци да имаат доволно време да се подготват за овие измени.

Што точно значи забраната? Од 7 до 15 часот не може да се користат сите дизел автомобили во центарот на градот. Возачите на дизел автомобили кои во овој период сепак ќе бидат затекнати во центарот на градот ќе бидат „дебело“ казнети.

Забраната се однесува и на комерцијалните и такси-возила на дизел погон, кои спека ќе можат да влезат во одредената област ако платат билет од 9 фунти. Слично е и за автобусите кои ќе мораат да платат дури 100 фунти ако сакаат да возат во центарот на градот.

Градските власти во Бристол најавуваат зголемување на бројот на електрични полначи, како и повеќе ленти за велосипедисти, за да ги охрабрат луѓето да користат електрични автомобили, велосипеди и други превозни средства кои влегуваат во полето за микро-мобилност.

Се проценува дека нешто повеќе од 110 милиони фунти ќе бидат потрошени за подготовка на инфраструктурата и сите други придружни трошоци за забрана на дизел автомобилите во центарот на Бристол.