Ова е новиот Honda CR-V / ФОТО+ВИДЕО
Она што го вети претходно, Honda и официјално го исполни. Пред нас е шестата генерација на кросоверот CR-V, барем што се однесува до верзијата за САД
Заедно со помодерениот надворешен дизајн, 2023 CR-V има и поголеми димензии во споредба со сегашниот модел. Имено, автомобилот е подолг за 69 mm, поширок за 10 mm, а меѓуоскиното растојание е продолжено за 40 mm. Што се однесува до тркалата, во понуда се 18 и 19 инчни.
Основата за новиот CR-V е подобрената глобална архитектура на Honda, за која производителот вели дека обезбедува попрефинето возење и поголема стабилност.
Новиот ентериер покажува сличност со внатрешноста на новиот Civic. Но иако изгледаат слично, има и разлики. Меѓу другото, има разлики во централната конзола, како и изменета горна плоча со поголеми отвори за вентилација и рестилизирани панели на вратите. Дигиталната инструмент табла е вообичаено 7-инчи, додека екранот од инфозабавниот систем е 7-9 инчи, во зависност од верзијата.
Се споменува и попространа внатрешност, поголем багажник, подобрени материјали, безжичен Apple Carplay & Android Auto, WiFi hotspot, Bose аудио систем со 12 звучници…
Дел од опремата се и систем за одржување на возилото во сообраќајна лента, динамична контрола на патувањето, систем за следење на мртвата точка, систем за автоматско сопирање, како и систем за препознавање сообраќајни знаци.
Во Северна Америка, гамата ќе вклучува модифициран 1.5-литарски турбо 4-цилиндерски бензински мотор со 190 КС и 243 Nm (со CVT менувач и 4×4 погон), како и хибридна верзија со 2.0-литарски 4-цилиндерски мотор и пар од електрични мотори (со комбинирана моќност од 204 КС и 335 Nm).
Новиот CR-V на американскиот пазар пристигнува кон крајот на летото, но се уште не е познато по која цена.