„Шарениот“ лак дефинитивно не е по сечиј вкус, но претставува интересна иновација во бојадисувањето на автомобилите

Современите технологии во голема мера ја олеснуваат персонализацијата на лесните автомобили. Денес, автомобилите доаѓаат фабрички со двобојна каросерија, со мат боја или во најневообичаени бои преку разни опции за персонализација од различни производители. Aftermarket пазарот оди чекор подалеку и се измислуваат уште полуди идеи за поединци кои сакаат да се истакнат.

Така досега имавме можност да видиме крзно наместо лак на автомобилите и, на пример, обложување на лимот со такви материјали што автомобилот на патот делува како „црна дупка“ – можностите се бесконечни. Сепак, специјалистите од DipYourCar смислиле нова опција за лакирање, која дефинитивно не е за секого, но дефинитивно вреди да се погледне.

Имено, станува збор за лак чувствителен на температура кој ја менува бојата, нешто што веќе сме имале можност да го видиме во некои други индустрии, како што се играчките, а сега имаме можност да видиме како изгледа и на примерот со Audi A4 . Примената кај автомобилите вклучува употреба на термотропни течни кристали што овозможува да се создадат различни бои на различни температури.

За разлика од сличните примени на технологија со употреба на термохроматски пигменти каде бојата се менува под влијание на промена на температурата, оваа варијанта е многу почувствителна бидејќи создава поширок спектар на бои.

Практично, по нанесувањето на основниот слој на пластидип, експертите од DipYourCar на лимот распрскуваат осум слоја специјална боја за да го постигнат посакуваниот ефект. Како што може и да се очекува, завршниот изглед создава ефект на псевдо-термичка камера и ги менува боите пред вашите очи. 

Дали би го обоиле автомобилот со оваа боја?