500 милиони евра е проценетата штета за градот Женева и производителите

Според Светскиот календар за автомобилски настани, 90-от автомобилски салон во Женева утре (03.03) официјално требаше да ги отвори портите за новинарите, а на 5-ти март и за пошироката публика.

Поради откажување на Салонот во последен момент, на само пет дена пред неговото започнување, сите изложувачи се доведени во непријатна ситуација веќе подигнатите штандови и автомобили да ги враќаат назад во нивните централи.

Според некои најави и познавање на пресметките за изложување на вакви меѓународни саеми, направените и веќе платени трошоци се огромни.

Досега, откажувањето на 90-тиот саем во Женева производителите ги чини вкупно околу 250 милиони евра.

Секако, штетата предизвикана како последица на ненаправената планирана промоција на нови модели не е вкалкулирана и во суштина е непроценлива.

Кога станува збор за трошоците, мора да се додаде и штетата што ќе ја претрпат организаторите на саемот, но и оние од услужните дејности како воздушниот сообраќај, хотелското сместување и организација на кетеринг, приеми, вечерите,…

Веќе денес, според booking.com, во Женева, има огромна понуда на скапо, но достапно сместување во сите хотели. Инаку, за време на саемот, слободен кревет е „невозможна мисија“ со месеци однапред. Цените исто така се тројно повисоки во тие денови.

Според проценките на градот Женева, штетата предизвикана од откажувањето на автомобилското шоу се проценува на околу 200-250 милиони швајцарски франци.

Севкупно, околу половина милијарда евра е „сметката“ за откажување на саемот, а тоа се само директни трошоци.