Opel претстави минијатурно електрично возило за урбано движење / ФОТО
Германскиот бренд ќе понуди клон на Citroen Ami за германскиот пазар
Се чини дека ова е паметен потег на Opel или подобро кажано Stellantis, ако се знае, докажано, дека купувачите во Германија попрво би купиле што било под значката на домашен бренд отколку странска стока. Така, малиот Ami доби брат близнак од другата страна на Рајна по име Rocks-e.
Opel посочува дека станува збор за SUM (Sustainable Urban Mobility), што е кратенка за Одржлива урбана мобилност на македонски јазик. Rocks-e, како и Ami, се наменети исклучиво за употреба во урбани услови за возење. Моделот е дизајниран како премин помеѓу скутерите и автомобилите, а може да го користат и оние кои имаат само AM категорија во возачката дозвола. Во Германија, тоа значи дека луѓето на возраст од само 15 години ќе можат да управуваат со ова возило.
Претставниците на производителот од Риселсхајм наведуваат дека Rocks-е е идеално возило за експлоатација во урбани услови и дека во гамата на Opel ќе се позиционира под електричната варијанта на Corsa. Овој електричен модел на четири тркала е долг само 2,41 метри, и може да прими две лица.
Opel Rocks користи батерија од 5,5 kWh, која може целосно да се наполни за само 3 часа и 30 минути на кој било приклучок во домаќинството. Германците ја следеле формата на Citroen Ami, односно не се откажале од кубниот изглед, се заради максимално искористување на просторот во самото возило.
Според официјалното соопштение од прес службата на Opel, на возачкото седиште може да се смести лице повисоко од 1,9 метри. Се разбира, просторот за багаж е многу ограничен, бидејќи се достапни се само 63 литри, доволно за помала набавка во локален супермаркет.
Opel Rocks-e е целосно прилагоден за употреба во градски услови. Има тркала со скромни димензии – само 14 инчи, а дијаметарот на вртење на возилото е уште поскромен – само 7,2 метри! Максималната брзина што може да ја развие е ограничена на 45 километри на час, а според протоколот WLTP, ова градско „дете“ може да помине 75 километри со полна батерија.
Од Opel потврдија дека возилото ќе се нуди и на други пазари по германскиот, но не е познато на кои. Производителот од Риселсхајм не објави колку ќе чини ова возило во Германија, но беше кажано дека нарачките ќе бидат прифаќани од есен.