Професионалниот рели возач и интернет сензација Кен Блок загина во тешка несреќа со моторни санки во Јута

Тажна вест доаѓа од САД. Кен Блок загина во тешка несреќа со моторни санки. Веста за ненадејната смрт на 55-годишникот ја сподели неговиот тим Hoonigan Racing.

„Со најголемо жалење потврдуваме дека Кен Блок почина по несреќа со моторни санки. Кен беше визионер, пионер и икона, и што е најважно, татко и сопруг. Ќе ни недостасува многу“, се вели во соопштението од Hoonigan Racing.

55-годишникот беше најпознат како возач на рели автомобили, со повеќедецениска професионална кариера, тркајќи се секоја сезона помеѓу 2005 и 2015 година. Како што напиша еден од неговите обожаватели на Twitter, „Кен Блок беше единствениот човек кој ги испразни улиците на Лос Анџелес само за да може да дрифта со својот Mustang“.

Тој, исто така, се натпреваруваше во голем број други акциони спортови, вклучувајќи скејтборд, сноуборд и мотокрос. Покрај трките, во 1994 година, заедно со американскиот претприемач Дејмон Веј, го лансираше модниот бренд DC Shoes, а учествуваше и како ко-основач на Hoonigan industries, коj произведува облека за автомобилски ентузијасти.

Во март 2004 година, Quicksilver го купи DC Shoes за 87 милиони долари, а интернет вредноста на Кен Блок се проценува на 100 милиони долари. Поранешниот Formula 1 возач и светски шампион од 2009 година, Британецот Џенсон Батон, меѓу првите се прости од легендарниот Блок, кој на својот профил напиша:

„Таков талент кој направи многу за нашиот спорт. Тој беше вистински визионер со својот уникатен стил и заразна насмевка. Нашиот спорт загуби еден од најдобрите денес, но уште поважно голем човек“.

„Идол на цела генерација!“ напиша MotoGP тркачот, Шпанецот Алекс Ринс, a се огласи  и Конор Дејли, возач на автомобилски трки, кој додава:

„Кен беше мојот херој. Колку пати сум чекал на ред да се сликам со него, многу тажно…“

Тој беше гостин и во култното британско автомобилско шоу Top Gear.

На YouTube, Блок објавуваше видеа од неговите акробации со автомобил преку серија од 10 епизоди наречена Gymkhana.