Од денес аплицирање за субвенции за вграден плински или друг вид уред во возилата
Сите граѓани коишто од денес ќе купат и ќе вградат уред на погон на течен гас (ТНГ), метан или друг вид алтернативно гориво во возилата ќе имаат можност да остварат поврат од 50 проценти од трошокот, но не повеќе од 18.000 денари
Министерот за економија Крешник Бектеши на прес-конференција вчера информираше дека денес ќе биде објавен јавниот повик за субвенции за вградување ваков уред во возилата.
„Многу ми е драго што нашата Влада ја има прифатено и се залага за зелената агенда и затоа со задоволство денес пред вас претставувам една од мерките коишто следат во процесот на подобрување на квалитетот на животот и на животната средина. Зелената агенда ја промовираме денес со една од мерките за справување со аерозагадувањето од страна на возилата, а тоа е мерката за субвенционирање на граѓаните коишто ќе вградат уреди на течен гас (ТНГ), метан или друг вид алтернативно гориво во возилата“ кажа Бектеши.
За да добијат субвенции, сопствениците на возила произведени од 2005 година па наваму треба да извршат купување и вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид алтернативно гориво во возилата, по денот на објавување на јавниот повик, во некоја од фирмите кои вршат продажба и вградување на таквите уреди.
Со така преправеното возило сопственикот треба да се упати во Техничка служба која ќе ја констатира преправката и сопственикот ќе биде упатен во МВР каде што треба да се пријави преправката. Во МВР на сопственикот му се издава упатница, која ја доставува до техничката служба, за да биде извршена проверка на сообразноста на направената преправка. Техничката служба го прегледува возилото, изготвува записник и издава потврда за сообразност на вградениот уред (познатa како АТЕСТ) и пропратно писмо. Со потврдата и писмото, сопственикот се упатува на шалтер на МВР (во техничката служба или станица за технички преглед) каде што добива нова сообраќајна дозвола во која е евидентирана преправката, односно дека е монтиран уред за погон на ТНГ, метан или слично, појасни министерот и додаде дека постапката од моментот на доѓање во техничката служба до издавањето на новата сообраќајна дозвола не трае повеќе од 2 до 3 дена, објаснуваат од Министерството за економија.
„Оваа мерка којашто произлегува од Законот за моторни возила се однесува на две важни подрачја, а тоа е сообраќајот и екологијата и се плод на барањата на граѓаните и има главна цел да се намали загадувањето на воздухот од страна на возилата. Огласот ќе трае точно 60 дена од денот на објавувањето и ќе се одвива по принципот ‘прв дојден, прв услужен’. Надоместок на дел од трошоците ќе се врши за само едно возило во семејство. Ова е потврда дека ние заедно се залагаме за подобра и зелена иднина преку усвојување на зелената агенда како општество и како влада“, кажа министерот Бектеши.
Документација потребна за пријавување на јавниот повик во Архивата на Министерството за економија: пополнето барање и изјава од подносителот на барањето, фискална сметка со сметкопотврда или фактура, фотокопија од сообраќајната дозвола за возилото заверена на нотар, во која е евидентирана промената, фотокопија од лична карта, број на трансакциска сметка.
За оваа мерка од буџетот на Министерството за економија предвидени се 11 милиони денари.