Новитети: Porsche Panamera GTS и Panamera GTS Sport Turismo
Porsche штотуку ја лансираше GTS верзијата на Panamera за спортски ориентираните возачи, како и нејзината караванска верзија Sport Turismo
Новите модели добиле повеќе моќ од 4.0-литарскиот твин-турбо V8 мотор, кој сега испорачува 460 КС и 620 Nm вртежен момент, што значи 20 „коњи“ и 100 Nm повеќе. Оваа зголемена моќ донесува подобат спринт, или во превод од место до стотка за 4,1 секунди, додека максималната брзина е 292 km/h (GTS) и 289 km/h (GTS Sport Turismo).
И претходниот модел имаше GTS варијанта во понудата, дизајнирана да биде позиционирана меѓу Ѕ и Turbo линијата, за сега да биде достапна и Sport Turismo караванска конфигурација. Освен режимот на работа на моторот, GTS моделите добиваат и модификација на каросеријата, со тоа што клиренсот е намален за 10 милиметри во споредба со стандардната Panamerа. Возачите на располагање имаат и рекалибрирана верзија на PASM системот за активна суспензија. Менувачот е PDK со двојна спојка и осум степени на пренос кој моќта ја дистрибуира на сите четири тркала.
Ознаката GTS донесува и ревидиран изглед, бидејќи и двата модели добиваат Sport Design пакет како стандард, вклучувајќи цела низа на црно обоени трим елементи, особено на предниот дел. Новите спецификации, исто така, вклучуваат и Panamera Design фелни од 20 инчи, додека кабинскиот простор е изработен во комбинација на црна алкантара и анодизиран алуминиум. Моделите GTS добиваат и head-up дисплеј, за првпат во гамата на Panamera.
Мултифункционалниот волан го карактеризира функција на греење со полуги за менување на степенот на пренос, што исто така е дел од пакетот, а Porsche во понудата ќе стави и Interior GTS пакет како опција, која ќе им овозможи на клиентите персонализација на некои од компонентите како обртомерот, рабовите и логото.
Panamera GTS и Panamera GTS Sport Turismo се веќе достапни за нарачка. Panamera GTS во Германија чини 138.493 евра, додека за GTS Sport Turismo треба да се одвојат 141.349 евра.