Новиот „ѕвер“ од Данска со 1.800 КС ќе има V12 мотор и електричен турбо, а ќе чини вистинско богатство
Новото Zenvo би требало да има и електромотори, а неговиот дизајн се уште се чува во тајност, иако веќе им е покажан на купувачите
Пред четири години малку познатата данска компанија Zenvo се најде во центарот на вниманието кога на салонот во Женева го претставија својот хиперавтомобил TSR-S кој располага со 1.200 КС и забрзува до 100 km/h за само 2,8 секунди. Сега овој производител на егзотични автомобили се подготвува за нов потфат кој ќе ги однесе чекор понатаму.
Од компанијата за Top Gear потврдуваат дека работат на нов хиперавтомобил кој ќе ги помести границите. Би требало да има V12 мотор, а неговиот дизајн сè уште се чува во тајност, иако потенцијалните купувачи веќе можеле да видат како би изгледал. Премиерата е закажана за 2023 година.
Иако дизајнот е тајна, шефот на Zenvо, Јенс Свердруп, со задоволство зборува за деталите на автомобилот. Тој за Top Gear открива дека автомобилот ќе има нова модуларна шасија од јаглеродни влакна, нов менувач, модуларен V12 мотор и електрични мотори. Сите овие елементи ќе бидат дизајнирани и произведени во самата компанија.
За разлика од TSR-S, кој има компресор, овој автомобил ќе има електрични турбо полначи кои на V12 моторот ќе му даваат околу 1.200 КС, но тоа не е се. Со помош на дополнителни електромотори, моќноста би требало да се искачи на застрашувачки 1.800 КС.
Свердруп открива дека во план се две верзии. Првата би требало да биде хибриден GT со електричен мотор/мотори во предниот дел и погон на сите тркала, додека втората е автомобил кој би бил повеќе ориентиран кон тркачка патека (ќе може да се вози и на регуларен пат) со аеродинамична дополнителна опрема и помала маса од 1.250 килограми.
Цената се уште не е позната, но со оглед на тоа што нивните претходни модели достигнуваа цена од 1,2 милиони евра, се претпоставува дека овој може да ја пробие границата од 2 милиони евра.