Тркачкиот Porsche 919 Hybrid Evo стана севкупно најбрзиот автомобил на легендарната патека Nürburgring Nordschleife, надминувајќи го претходниот најдобар резултат за дури 52 секунди

По неколку обиди, возачот Тимо Бернхард, круг од патеката извозил за 5 минути и 19,55 секунди, со што е срушен рекордот од мај 1983 година или 6 минути и 11,13 секунди, исто така поставен од тркачки автомобил на Porsche – моделот 956 C.

Иако резултатот во однос на 35-години старото најдобро време на патеката изгледа неверојатно, се верува дека моделот Porsche 919 Hybrid Evo може и под 5 минути односно круг на Nürburgring Nordschleife за 4 минути и 51 секунда.

Новиот рекордер Nürburgring Nordschleife располага со хибриден погон со речиси 1.200 коњски сили, притоа со тежина од само 849 кг. Автомобилот користи специјални гуми Michelin и генерира поголема сила на прилепување кон патот (downforce) од болидите во Formula 1.