
Новиот Honda Civic Type R постави рекорд уште пред своето деби / ВИДЕО
Спортскиот модел забележа ново најдобро време на патеката Сузука
Новата генерација на Honda Civic Type R се уште не е официјално претставена, но автомобилот веќе поставува рекорди, се пофалија од прес-службата на јапонскиот производител.
Спортскиот модел со 5 врати успеа да го подобри најбрзиот круг на една од најтешките патеки не само во Јапонија, туку и во светот – Сузука, забележувајќи време од 2 минути и 23,1 секунди. Ова е за 0,873 секунди побрзо од постигнувањето на претходната верзија на моделот, поставено во февруари 2020 година.
Рекордот е поставен на 15 март на патеката долга 5,8 километри, а на некои места автомобилот се движел со брзина од над 200 km/h. Од Honda не откриваат други детали за новата генерација на Civic Type R, ветувајќи дека тоа ќе се случи со наближувањето на премиерата на моделот, која е закажана за крајот на оваа година.
Според информациите, слично како неодамна претставената верзија Civic Si, новиот Type R ќе биде достапен само со мануелен менувач, а ќе продолжи да го користи актуелниот 4-цилиндерски турбо мотор FK8 со 320 КС. Моќноста на единицата веројатно ќе биде малку зголемена.
Спортскиот модел ќе биде последниот автомобил на Honda во Европа, придвижуван само од мотор со внатрешно согорување. Со ова се става крај на гласините дека новиот Type R има хибриден погон.