Нови 37 комунални возила ќе го чистат Скопје / ФОТО
Градот Скопје и ЈП „Комунална хигиена“ денеска промовираа пет нови специјални комунални возила кои се дел од 37-те различни возила што ги набави ова јавно претпријатие согласно со договорот склучен на крајот на минатата година
На денешната промоција на новите комунални возила присуствуваа градоначалникот Петре Шилегов и директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Абдусамед Шабани.
Ова се пет од 37-те возила кои допрва треба да пристигнат во нашиот град, за кои ЈП „Комунална хигиена“ спроведе постапка за јавна набавка, а договорот е склучен кон крајот на минатата година. Овие пет специјализирани возила се наменети за собирање и транспорт на отпад од корпите за џебен отпад, за индивидуалните канти од домаќинствата, како и за контејнерите од 1,1 кубен метар. Вредноста на петте возила изнесува 38 милиони денари со вклучен ДДВ. Ќе имаме уште 32 нови возила кои ќе ги претставиме кон крајот на месецот како што ќе пристигнуваат, и тоа 5 возила кои се наменети за контејнери од 1,1 и од 5 м3; 10 возила кои се наменети за контејнери од 5 м3; 5 возила за контејнери до 1,5 м3; 5 возила – самоподигнувачи со носивост од 7 тони; 10 цистерни за миење улици и 2 кипери со капацитет од по 16 м3. Сите овие возила ќе бидат испорачани до крајот на месецот, а вкупната вредност изнесува околу 200 милиони денари со вклучен ДДВ – рече градоначалникот Шилегов, на денешната промоција на новите комунални возила.
Тој нагласи дека Градот Скопје пред околу 2,5 години започна со воведување нови стандарди во третманот на комуналниот отпад како политики што ги водат најсовремените европски градови. Набавени беа нови 540 контејнери со капацитет од 3.200 литри и 30 контејнери за селектирање отпад од 2.200 литри. Градот набави 4 нови комунални возила за третман на овие контејнери.
Набавени беа и 950 корпи за џебен отпад што беше зголемување за една половина од дотогашните 1.750 корпи. Дополнително беа набавени и 12 електрични машини за вакуумско чистење, 10 електрични возила за чистење и миење на јавни површини и 10 возила за миење на тротоарите. Овие возила се технолошки најсовремени машини коишто се на електричен погон и не го загадуваат воздухот во нашиот град.
Градот Скопје нема да престане со инвестирање во овој тип ресурси во јавните претпријатија, напротив, ќе ги унапредуваме процесите внатре во претпријатијата, за да го подигнеме нивото на сервис кон граѓаните. Соочени сме и со фактот дека ќе мораме да го зголемиме инспекцискиот надзор и казнената политика. Сакам да ги повикам скопјани да го чувствуваат нашиот град како заеднички дом, зашто нема човек што не сака да живее во поуреден и почист град – додаде Шилегов.