Nissan Juke добива хибридно издание / ФОТО
Јапонскиот кросовер хибридниот погон го позајмува од Renault
По две години присутност на пазарот на актуелната генерација на Nissan Juke добива уште една верзија во понудата која треба да помогне во подобрување на продажните резултати, кои се далеку од она што Juke порано можеше да го постигне во Европа.
Хибридниот погон е развиен од Renault и Nissan, а веќе е користен во E-Tech варијантите на Clio и Captur. Станува збор за комбинација од 1.6-литарски бензински мотор со два електрични мотори (еден е стартер-генератор). Моторот со внатрешно согорување испорачува 93 КС со 148 Nm вртежен момент, примарниот електромотор 48 КС и 205 Nm, додека вториот (High-Voltage Starter Generator) одвреме-навреме се придодава за да помогне со уште 20 КС.
Електричните мотори се напојуваат од енергија складирана во батерија со скромен капацитет од 1,2 kWh. Но, предноста на оваа батерија е помалата тежина, од некои 40 килограми, а самото возило нема преголема тежина што е чест случај кај PHEV моделите.
Од Nissan наведуваат дека е можно до 80% од возењето во град да биде исклучиво на електрична енергија (возење до 55 km/h во EV мод), а се ветува и заштеда до 40% на бензин споредено со класичната варијанта само со мотор со внатрешно согорување. Така барем вели компанијата.
Што се однесува до менувачот, и тука решението е земено од Renault. Преносот доаѓа од Formula 1, каде што Renault го воведе таканаречениот „dog-clutch“ автоматски менувач, со четири преносни односи за бензинскиот блокот и уште два кога е во електричен режим. Накратко, еден од електромоторите (послабиот), кој не ги стартува тркалата, меѓу другото е задолжен за синхронизирање на менувачот. Така, во споредба со класичното квачило, се намалуваат загубите од триење, се подобрува одзивот на притисок на педалата за гас, а подобрена е и рекуперацијата на енергија при одземање на гас.
Nissan го овозможил и таканаречениот E-Pedal систем, односно можност за возење речиси со само една педала и тоа за гас. Одземањето на гас резултира со сопирање (интензитетот зависи од режимот на дополнување избран од корисникот).
Juke е делумно ревидиран и во поглед на изгледот. Од Nissan истакнуваат дека промените биле насочени кон подобрување на аеродинамиката. Така напред гледаме малку поинаква решетка, како и малку изменет браник. Позади е поставен спојлер, за поголема ефикасност, а јапонската марка нуди и нов сет на тркала со димензии од 17 до 19 инчи. Внатре во возилото речиси се е исто, освен инструмент таблата која сега е прилагодена на хибридниот погон.
Поради големиот број компоненти што ги има хибридниот склоп, нешто морало „да страда“. Во овој случај тоа е волуменот на багажникот, кој во оваа електрифицирана верзија е 354 литри, што е за 68 литри помалку од стандардниот Juke.
Хибридниот Juke во Европа доаѓа престојното лето.