Nissan претстави револуционерен концепт на електрично возило, способно да обезбеди мобилна испорака на енергија во итни случаи

Nissan RE-LEAF е целосно електричен концепт за итни случаи дизајниран како мобилен извор на енергија во случај на катастрофа или екстремни временски настани. Базата е моделот Leaf, но со голем број модификации.

Покрај тоа што може да се вози по скоро секаков терен (клиренс од 225 mm, зголемена трага на тркалата, теренски гуми), возилото има и приклучоци поставени од надворешната страна на возилото, за мрежа од 230V. Ова е овозможено со Li-ion батерија со голем капацитет. Со неа може да придвижува медицински или комуникациски уреди или осветлување и друга опрема за одржување и спасување животи.

Според Извештајот на Светска банка за 2019 година, природните катастрофи и климатските промени се причина за 37% од прекините на електричната енергија во Европа помеѓу 2000 и 2017 година и 44% од прекините на електричната енергија во САД во текот на истиот период.

Идејата на Nissan е ваквите автомобили да понудат привремен извор на енергија, од 24 до 48 часа, како што обично се бара до повторно воспоставување на напојувањето.

„Електричните возила се наметнуваат како едно од технолошките решенија што можат да ја подобрат отпорноста на енергетскиот сектор. Неколку илјади електрични возила во мирување како возила за поддршка при катастрофи или како возила поврзани во мрежа преку системот Vehicle-to-Grid (V2G), е решение со единствена способност за извршување на практични функции на централа со цел одржување на снабдувањето со електрична енергија во случај на прекин“, објаснува Хелен Пери, раководител на Европскиот оддел за развој и инфраструктура на електрични возила на Nissan.

Најновата генерација на Nissan LEAF e+ може да функционира како преносна централа бидејќи нејзината целосно наполнета батерија со капацитет од 62 kWh може да обезбеди напојување доволно за просечно домаќинство за шест дена. На пример, респиратор за интензивна нега троши 3 kWh за 24 часа, лонец за супа од 10 литри 9,6 kWh, а електричен пневматски чекан дури 36 kWh. Конечно, таа батерија во Leaf овозможува автономија од 385 километри.

Задните седишта се отстранети, а подот израмнет за да се обезбеди повеќе простор за складирање на потребната опрема. Посебна преграда, исто така, ги одделува предните седишта од товарниот простор. Откако RE-LEAF ќе пристигне во областа погодена од катастрофа, од багажникот се извлекува масичка на преклопување со 32-инчен LED дисплеј и сопствено напојување како оперативен центар за управување и контрола на комуникациите, како и управување со операциите за спасување.