Nissan го претстави концептниот автомобил Ariya Single Seter со високи перформанси / ФОТО
Тркачкиот концепт ја покажува целата моќ што може да ја понуди електричниот мотор на Ariya
Nissan го претстави спектакуларниот концепт Ariya Single Seter. Станува збор за проект кој ги демонстрира високите перформанси на стандардниот Nissan Ariya, кој за оваа потреба е дизајниран како тркачки автомобил со едно седиште.
Дизајнерската врска помеѓу електричниот теренец Ariya и новиот концепт е видлива на прв поглед. Предниот дел е изработен во форма на осветлена буква V, а страниците се извајани според аеродинамичните линии на серискиот модел, а се целосно изработени од јаглеродни влакна.
Учеството на брендот во Светското првенство на FIA, Formula Е, исто така, значително придонело за развојот на концептот. Nissan учествува во Светскиот шампионат за електрични возила за да ја пренесе возбудата и забавата од електричните автомобили со нулта емисија на штетни гасови до публиката ширум светот.
Иако Јапонците не откриваат детали за погонот, тоа е веројатно најмоќната погонска варијанта Ariya e-4ORCE, верзија со погон на сите тркала која нуди беспрекорна моќ покрај поголем опсег благодарение на технологијата e-4ORCE. Покрај моќноста (394 КС), оваа верзија се издвојува и со најдобриот сооднос на перформанси и технологија, бидејќи до стотка стигнува за нешто повеќе од 5 секунди, со автономија од 580 km.
Концептот е претставен на настанот Nissan Futures од страна на Алфонсо Албаиса, потпретседател на глобалниот оддел за дизајн на Nissan.
„Во Nissan се осмелуваме да го правиме она што другите не сакаат. Со овој концепт сакавме да ги прикажеме врвните перформанси што ги обезбедува моторот на Ariya. Проектот е замислен како полигон за тестирање каде што ќе ја развиваме идната технологија. Преку него успеавме да ја пренесеме возбудата од патот на тркачката патека, но и да ја покажеме стручноста на Nissan за пренесување на технологијата од тркачките патеки на стандардните патиштата.