Nissan добива ново, помодерно лого / ФОТО
Јапонскиот производител ја искористи неодамнешната премиера на електричниот кросовер Ariya за да го промовира своето рестилизирано лого
Nissan Ariya е многу важен модел за иднината на јапонската компанија, за што сведочи и фактот дека ова електрично возило е избрано како „манекен“ за новиот амблем.
Ова е прв пат во последните 20 години Nissan да одлучи да го рестилизира логото кое ги краси неговите модели, но и во рекламите и маркетиншкиот материјал. Новото лого ќе го носат и сите претставништва и изложбени салони на јапонскиот производител.
Како и во случајот со Opel, кој исто така неодамна го рестилизираше своето лого, Nissan новиот амблем го претстави токму на еден електричен модел, што треба симболично да покаже во која насока ќе се движи автомобилската индустрија во иднина.
Од друга страна, основните елементи на амблемот остануваат непроменети, дозволувајќи му на Nissan да го одржи континуитетот со своето историско наследство.
Името на компанијата останува во центарот на кругот, но од сега па понатаму, логото ќе биде осветлено на сите електрични автомобили.
Како што велат во Nissan, новото лого означува и премин од изразениот индустриски дизајн кој го красел стариот амблем, во дигиталната ера на сегашноста и иднината.
Новиот амблем ќе започне да се користи веќе овој месец, како во дигитална форма така и во физичка форма.
Сите идни електрични модели, почнувајќи од Nissan Ariya, ќе го имаат споменатото осветлено лого кое се состои од 20 LED светилки.