Нигериската федерална влада сериозно размислува да ја забрани продажбата и употребата на мотоцикли во земјата за да спречи терористички напади

Кон крајот на минатата недела, министерот за правда, Абубакар Малами, изјави дека забраната на најпопуларниот начин на транспорт во земјата ќе ја наруши логистиката на терористичките организации, кои речиси исклучиво користат возила на две тркала во нивните напади.

„Таквата забрана ќе ја оневозможи логистиката на терористите и нивните поддржувачи“, пишуваат локалните медиуми. „Ваква одлука би била донесена во интерес на целата држава. Секое прашање што претставува закана за националната безбедност бара одредени откажувања“.

Планот е дел од напорите на нигериските власти во борбата против разни терористички организации, од Боко Харам до Исламската држава. Членовите на овие организации наречени „бандити“ користат мотоцикли за брзо и без предупредување извршување напади, но и повлекување од местото на злосторството.

Минатата недела, гувернерот на државата Замфара, Бело Матавале, воведе ограничување за употреба на мотоцикли во градот Гусау. Според наредбите на гувернерот, полицијата има овластување да пука во секој што вози мотор од 20:00 до 06:00 часот.

Нигерија има повеќе од 200 милиони жители и е шеста најнаселена земја во светот. Таму годишно се продаваат повеќе од половина милион возила на две тркала.

Сепак, многумина оваа одлука ја сметаат за екстремна, бидејќи огромен број луѓе користат мотоцикли како секојдневно превозно средство.