Истражувањата покажуваат дека просечната малопродажна цена на возилата со внатрешно согорување за 7 години се зголемила за 14 отсто 

Купувањето нов автомобил станува потешко од кога било. Покрај проблемите со достапноста предизвикани од ограничувањата во синџирот на снабдување и недостигот на чипови, луѓето кои сакаат да купат нов автомобил се соочуваат и со значително зголемување на цената.

Веќе не станува збор само за тоа кој автомобил да се избере и колку долго да се чека. Главното прашање сега е колку повеќе ќе платите за истиот автомобил кој само пред неколку години реално можевте да си го дозволите.

Ситуацијата е доста сложена, особено во Европа и во САД. Истражувањето на JATO Dynamics покажува дека просечната малопродажна цена на возилата со внатрешно согорување во САД се зголемила за 14 проценти помеѓу 2015 и 2022 година. Просечната цена скокнала од 39.143 долариво 2015 година на 44.651 долари во 2022 година. Тоа е повеќе од 5.000 долари за само седум години.

Просечна малопродажна цена на патнички автомобили достапни во првата половина на 2022 година (бензински наспроти електрични)

Во многу европски земји растот е уште позначителен. Низ Германија, Италија, Франција, Обединетото Кралство, Шпанија, Холандија и Норвешка, просечната цена на нов автомобил била 35.500 евра. Годинава до јуни просечната малопродажна цена на достапните автомобили изнесувала 44.101 евра. Ова е значително зголемување, што само покажува колку внимание производителите посветуваат на поскапите автомобилски сегменти.

Особено значителен е растот на просечната цена во Норвешка – од 42.199 евра на 68.677 евра. Тоа е зголемување од 63 проценти и тоа е резултат на законот со кој јасно се планира да се елиминира продажбата на автомобили со внатрешно согорување.

Достапна просечна малопродажна цена на бензински патнички автомобили (2015 и прва половина на 2022 година)

На други пазари како, на пример, Обединетото Кралство, девалвацијата на британската фунта го забрза растот на цените, од 32.247 фунти во 2015 година на 46.230 фунти до крајот на јуни 2022 година. Спротивно на тоа, кинескиот пазар бележи само мал пораст од 5 проценти во последните години, главно поради тоа што понудата се проширила и на пониските сегменти. Микро автомобилите и помалите теренци се „виновниците“ за скромниот раст на цените помеѓу 2015 и 2022 година.

Иако купувањето автомобил со мотор со внатрешно согорување сега е многу поголем предизвик за голем дел од населението, во подобра положба не се ниту електричните модели. Освен Норвешка, а во некои случаи и Кина, остатокот од светот сè уште не може да си ги дозволи повеќето модели на батерии кои се достапни денес.

Достапна просечна малопродажна цена на бензинот за патнички возила

Генерално, за нов електричен автомобил во Европа треба да се плати до 55.821 евра. Реалноста за потрошувачите сепак е дека електричните автомобили сè уште не се сериозна исплатлива алтернатива на зголемените цени на автомобилите со внатрешно согорување.