Пред нас се празници и неколку споени денови, што значи многумина веројатно и ќе заминат на некоја дестинација надвор од Македонија. А за луѓето кои го сакаат возењето, нема ништо позабавно отколку да се патува со автомобил

Без разлика дали патувате сами, фамилијарно или со пријатели, треба да бидете сигурни дека вашиот автомобил безбедно ќе ве однесе до саканата дестинација.

Еве неколку совети за брза и лесна проверка дали вашиот автомобил е подготвен за планираното патување:

Задолжителни документи

Во зависност од тоа дали патувате некаде во нашата земја или во странство, не заборавајте на потребната документација која треба да ја понесете со вас.

Соообраќајната и возачката дозвола во секој случај се обврска, но ако патувате надвор од нашата земја, не заборавајте на документи како што се овластување ако не го поседувате возило со кое патувате, меѓународна дозвола, зелен картон и патничко осигурување.

Ако патувате некаде низ Македонија, проверете дали имате Европски извештај за сообраќајна незгода, за секој случај.

Проверете го нивото на масло и течности во автомобилот

Прво и најважно е да го проверите нивото на маслото во моторот. Извлечете ја металната прачка за контрола на маслото, избришете ја, а потоа вратете ја на своето место. Повторно извлечете ја и проверете го нивото на маслото.

Премногу масло, како и премалку, може подеднакво да наштети на работата на моторот. Се разбира, ако не сте сигурни во себе, ова можете да го проверите и во најблискиот сервис.

Не заборавајте да проверите и дали имате доволно течност за чистење на ветробранското стакло, како и нивото на разладна течност за моторот, најчесто тоа е мешавина од вода и антифриз. Идеалниот однос е 50:50.

Притисок во гумите

Само правилно напумпани гуми ќе допринесат вашето патување да биде удобно, ќе спречат абење на шарата, а секако и заштеда на гориво.

Имајте на ум дека, околу 40% од сите случаи на пукање на гума се поради недоволен притисок. За да се реши овој проблем, производителот на гуми Continental има развиено систем за следење на притисокот во гумите (TPMS), кој работи на принципот на сензорите на тркалата и системите за кочење. TPMS постојано го следи притисокот во реално време и во случај на паѓање под безбедно ниво испраќа предупредување до возачот да се преземат соодветни мерки. Софтверот е толку прецизен што по проценката на собраните податоци може да се пресмета точната брзина на губење на притисокот.

Без оглед на тоа дали автомобилот доаѓа со TPMS опрема или не, совет е да се провери притисокот еднаш на секои две до четири недели. Проверката се прави кога гумите се ладни, или кога автомобилот е во мирување најмалку три часа.

Централен трап и ротација на гумите

Ако не сте ги замениле зимските гуми, направете го тоа што побрзо, бидејќи температурите се зголемуваат, а на вашиот автомобил му требаат летни гуми за поголема безбедност, како и поголема заштеда на гориво.

Од друга страна, дупките на патиштата (за жал ги има многу) или удари во тротоар може да доведат до дисбаланс на предниот трап, но исто така и да ги оштетат вашите гуми.

Исто така, неправилно подесени тркала доведуваат до нерамномерно или прекумерно абење на шарата.

Осигурајте се дека редовно ги ротирате гумите на возилото, бидејќи тоа ќе придонесе за подеднакво абење и продолжување на нивниот век на траење. Стандардната препорака за ротирање на гумите е на секои 8.000 до 13.000 километри. Ротирањето при промена на зимски со летни и обратно секако е препорачливо

Длабочината на шарата е исто така важна. Се препорачува длабочината на шарата на летните гуми да биде најмалку 3 мм, бидејќи тоа ќе ги подобри перформансите на сопирачките и ќе го спречи ризикот од аквапланинг.

Резервна гума

Пред да тргнете на пат, проверете ја состојбата на резервната гума, бидејќи ако ја држите во багажникот подолго време, можеби ќе ви треба замена.

Поради возраста и несоодветните услови, може да ги изгуби своите основни својства, односно може да има напукнатини или да стане порозна.

Преполнет автомобил – поголема потрошувачка на гориво

Преоптоварувањето на возилото може да го скрати животот на вашите гуми. Дополнително, дополнителната тежина ќе ја зголеми потрошувачката на гориво.

Проверете ги информациите за максималниот капацитет на товар на вашето возило.

Задолжителни паузи

Кога сте уморни од патувањето, концентрацијата опаѓа, а тоа значи помала веројатност дека ќе бидете прептпазливи на потенцијални опасности како што се дупки, остри кривини или ненадеен сообраќаен застој.

Секоја од овие работи може да предизвика проблеми за вашиот автомобил, а секако не сакате својот скапоцен одмор да го поминете со влечна служба.

Затоа, редовно правете паузи и релаксирајте се на начин како што вам најмногу ви одговара. Безбедноста на вас и вашите сопатници е најважна за успешно патување.

И на крајот, Среќен пат и Среќни празници.