Кризата во снабдувањето со нафтени деривати деновиве почнува сериозно да ја тресе Кина

Камиони веќе формираат огромни колони пред бензинските пумпи со надеж дека возачите ќе можат да наточат нафта во празните резервоари.

Во некои делови на Кина е применет систем на ограничени испораки на дизел за поединечни клиенти, што е практичен одговор на сега веќе хроничниот дефицит на нафта со тенденција за натамошно опаѓање на нивото на залихите на овој извор на енергија, пренесува BBC. Судејќи според објавите на социјалната мрежа Weibo, која според параметарот на географијата на посетите ја покрива територијата на Кина, камионџиите често чекаат и по цел ден за да ги надополнат цистерните.

Најнаселената земја во светот моментално минува низ огромна енергетска криза предизвикана од недостигот на јаглен и природен гас, поради што фабриките се затвораат, а домовите остануваат без струја. Ова е само уште еден дополнителен проблем што ја влошува состојбата на глобално ниво, кога зборуваме за нарушени синџири на снабдување. Првиот удар во синџирот на снабдување беше предизвикан од здравствената криза, а потоа и од зголемената побарувачка во закрепнувањето од иницијалното нарушување.

„Како резултат на ситуацијата, на камионџиите им е дозволено да ги полнат резервоарите само со 100 литри нафта по возило, што е околу 10 отсто од нивниот капацитет“, вели надлежен функционер од логистичка компанија која управува со возниот парк од тешка категорија од провинцијата Хебеј за кинескиот бизнис магазин Caixin.

Извештаите кои пристигнуваат укажуваат на тоа дека ситуацијата е уште подраматична, односно ограничувањата се поостри во другите делови на Кина, така што се искачува дури и до границата од максимални 25 литри.

Покрај ова, на некои бензински пумпи има и ограничување според кое количината на купениот дизел е онолку колку што може да се купи за 300 јуани според сегашниот ценовник или околу 47 американски долари.

Во претходните недели, цените на нафтата и нафтените деривати достигнаа рекордни нивоа од 2014 година, што доведе до криза во снабдувањето на бројни светски пазари. Дел од кризата се должи и на недостигот на јаглен и природен гас во земјите со голема побарувачка, како Кина и Индија. Ова дополнително доведе до масовно пренасочување кон нафта, особено за потребите на греење. Крајниот резултат е драстично зголемување на дневната потрошувачка на нафта.