Американскиот Ford објави дека ќе започне со производство на електрични пикапи од F-серијата

Пикап моделите од F-серијата на Ford, како и најпродаваниот во САД, F-150, се чиста спротивност на електричните автомобили. Огромни се, димензиски гледано, имаат голем капацитет и трошат многу гориво – но Американците едноставно ги обожаваат.

Од Ford и претходно имаше најава дека во иднина постои можност да понудат F-150 во plug-in хибридна верзија, на што наводно се работи уште од 2015 година, за сега од компанијата да пристигат сосема различни информации.

Џим Фарли, првиот човек на Ford задолжен за глобалните пазари, на една автомобилска конференција во Детроит, изјави дека Ford ќе ги електризира пикап моделите на F-серијата. Ова значи дека тие ќе направат и хибридни и целосно електрични варијанти на овие возила.

Овој потег би требало да значи почетокот на една голема трансформација на компанијата, а воведувањето на нови хибридни и електрични возила во понудата треба да ја осигура „иднината“.